Претседателот на Собранието ја коментираше најавата дека е можно утре да биде поднесена нова иницијатива за гласање недоверба на Владата и да се повлече претходната иницијатива за која седница е закажана за в четврток
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вечерва во дебатниот магазин „Клик плус“ на ТВ 21, во врска со најавата дека е можно утре да биде поднесена нова иницијатива за гласање недоверба на Владата, и повлекување на претходната, вели дека процедурата е отпочната и седницата е закажана за в четврток. Ако се повлече, повторно барање за гласање недоверба може да се поднесе после 90 дена, вели тој.
„Јасни се процедурите. Има седница закажана во четврток. Седницата мора да има епилог. Епилогот може да биде, се гласа недоверба – паѓа Владата, не се гласа недоверба – не паѓа Владата. После тоа наредните 90 дена не може да има повторно гласање на недоверба. Затоа е даден рок од 90 дена. Процедурата е отпочната, ако се повлече сега барање за гласање на недоверба на Влада, нема право наредните 90 дена за повторно барање за гласање на недоверба“,
објасни Џафери за ТВ21.
Можноста за поднесување нова иницијатива за Телма попладнево ја потврдиле од ВМРО-ДПМНЕ откако Скендер Реџепи-Зејд од Алтернатива ја прифатил понудата на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, да поднесат нова иницијатива за изгласување недоверба на Владата на која Реџепи ќе ги избере останатите 19 пратеници потписници.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, му се обрати јавно на пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи, предлагајќи му да поднесат нова иницијатива за изгласување недоверба на Владата.
Откако Реџепи изјави дека нема да соработува со Левица за уривање на Владата, по што и Алтернатива остана без конкретен став, Мицевски, кој инаку е во изолација поради ковид-19, денеска му предлага на пратеникот од партијата на Африм Гаши да избере 19 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за заедно да достават друга иницијатива за недоверба.
Џафери ја закажа седницата за гласање на доверба на Влада за в четврток во 11 часот.