Ова е прва посета на премиер на Холандија на земјава во историјата на дипломатските односи меѓу Хаг и Скопје, а се случува во услови на политичка криза во земјава и ветото на Бугарија на нашите евроинтеграции
Холандскиот премиер, Марк Руте, денеска доаѓа во посета на Северна Македонија. Ова е прва посета на премиер на Холандија на земјава во историјата на дипломатските односи меѓу Хаг и Скопје.
Како што соопштија од Холандската амбасада во Скопје, за време на неговиот престој Руте ќе се сретне со премиерот Зоран Заев и ќе разговара претставници на граѓанскиот сектор. Посетата ќе биде заокружена со работна вечера што ќе ја приреди претседателот Стево Пендаровски.
Тие меѓу другото ќе разговараат и за добрите односи меѓу Холандија и Северна Македонија, европската соработка, случувањата во регионот и НАТО соработка.
Скопје е последната станица од регионалната посета во која се вклучени и Грција и Албанија.
Во однос на прашањето за интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, Холандија се смета за држава која се залага за „строг, но фер пристап“, инсистирајќи пред се на владеење на правото и борба против криминалот и корупцијата.
Последната изјава на Руте за земјава беше дадена на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брдо, Словенија, кога се заложи за што побрзо отворање на пристапниот процес.
„Ќе треба да почекаме на изборите во Бугарија. Не сум среќен со фактот што пристапните преговори со Северна Македонија сè уште се блокирани. Сметам дека тие треба да се деблокираат што е можно побрзо. Знаме и се надеваме дека тоа веројатно ќе се случи по изборите во Бугарија и ќе се обидеме да направиме сè што можеме за тоа да се случи“,
изјави Руте во Брдо минатиот месец.