Кризната состојба е со траење од 30 дена, а е прогласена на барање на Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија, објави министерот за економија
Владата на денешната седница донесе одлука за прогласување кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија, со траење од 30 дена, а на барање на Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија, формирана од Министерството за економија.
Како што информираше министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција во Владата, одлуката е донесена врз основа на процената на Комисија дека постои ризик од настанување кризна состојба поради недостиг на електрична енергија и состојбата на пазарот на електрична енергија, врз основа на извештајот изготвен од МЕПСО за проценката на стабилноста на македонскиот електроенергетски систем за последниот квартал на оваа година.
„Прогласуваме кризна состојба со цел да го подобриме работењето на енергетските компании, да се зголеми нивната ликвидност, а никако за да донесеме рестриктивни мерки што би влијаеле негативно во секојдневниот живот на нашите граѓани“,
рече Бектеши.
Тој рече и дека целта е да нема големо покачување на цената на струјата од почетокот на следната година.