Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ му предлага на пратеникот Скендер Реџепи да избере уште 19 вмровски пратеници, за да се соберат нови 20 потписи за друга „интерпелација“ против Владата
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, му се обрати јавно на пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи, предлагајќи му да поднесат нова иницијатива за изгласување недоверба на Владата.
Откако Реџепи изјави дека нема да соработува со Левица за уривање на Владата, по што и Алтернатива остана без конкретен став, Мицевски, кој инаку е во изолација поради ковид-19, денеска му предлага на пратеникот од партијата на Африм Гаши да избере 19 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за заедно да достават друга иницијатива за недоверба.
„Колега Скендер Реџепи, да го сочуваме достоинството на пратениците и затоа ве повикувам заедно да ставиме крај на газењето на пратениците од страна на хибридниот режим и, согласно член 92 од Уставот, изберете 19 пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кои заедно со вас ќе поднесат нова иницијатива до Собранието за гласање на недоверба на владата на хибридниот режим СДСМ-ДУИ“,
напиша Мицевски на Фејсбук.
Тој посочува дека откако во петокот, „јасно и недвосмислено“ 61 пратеник се потпишаа на иницијативата за недоверба на Владата, хибридниот режим на власта, како што вели, започнал со брутална кампања, со многу притисоци, закани и уцени да го гази човечкото достоинство и да го урива кредибилитетот на институцијата македонско Собрание.
„Да нема изговори зошто се потпишал овој или оној, бидејќи ова е гласање против хибридниот режим на СДСМ-ДУИ, се надевам дека ќе застанете заедно со мнозинството на пратеници и ќе го сочуваме достоинството на пратеникот и угледот на македонското Собрание,“
му се обраќа Мицкоски на Реџепи.
Пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, најавувајќи го вчера поднесувањето на иницијативата за гласање недоверба на Владата, соопшти дека таа е потпишана од точно 61 пратеник. Според Уставот, пак, иницијативата треба да ја достават најмалку дваесет пратеници, додека за изгласување недоверба на Владата се потребни најмалку 61 глас.
Реџепи, кој во петокот бил меѓу 61 пратеник кои дале поддршка за иницијативата, зад која застанаа ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова“, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Беса, набрзо потоа се изјасни дека, иако е за уривање на Владата, нема да дозволи неговиот потпис да стои заедно со потписот на двајцата пратеници на Левица. Синоќа од Алтернатива соопштија дека дебатите ќе траат до собраниската седница в четврток, но дека но дека нивните четворица пратеници ќе бидат единствени каква и да биде одлуката што ќе ја донесе партијата во однос на прашањето за доверба на Владата.
Според Уставот и собранискиот Деловник, прашање за доверба на Влада се става на седница третиот ден откако ќе биде поставено. Иницијативата за гласање недоверба може да биде повлечена пред да попче седницата на која треба да се разгледува и да се гласа.
За иницијативата што вчера ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ, со поддршка на Алијанса, Алтернатива, Беса и Левица, седницата е закажана за четврток, со почеток во 11 часот.