Извршувањето високи партиски и државни функции, покрај другото, подразбира и одговорност кон граѓаните и членовите на нашата партија. Во таа насока, оставката претставува мој придонес за што побрза консолидација на партијата и што поскоро враќање на победничките патеки, вели Сугарески во објаснувањето за одлуката за повлекување
Поранешниот пратеник и министер за транспорт и врски, Горан Сугарески, поднесе оставка од функцијата претседател и член на надзорниот одбор на СДСМ.
Тој беше кандидат на социјалдемократите за градоначалник на Прилеп, но изгуби во првиот круг кога победата ја однесе кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Борче Јовчески.
Оставката, вели Сугарески, е од морални причини поради неуспехот на изборите.
„Во знак на морална одговорност за неуспехот на локалните избори, како на локално така и на централно ниво, поднесувам оставка од функцијата претседател и член на Надзорниот одбор на СДСМ. Извршувањето високи партиски и државни функции, покрај другото подразбира и одговорност кон граѓаните и членовите на нашата партија. Во таа насока, оставката претставува мој придонес за што побрза консолидација на партијата и што поскоро враќање на победничките патеки. Упатувам благодарност на актуелното партиско раководство, како и на сите членови на партијата за укажаната можност да извршувам високи партиски функции, меѓу кои и последната, претседател и член на Надзорниот одбор. Јас сум социјалдемократ, секогаш тоа и ќе бидам. Останувам верен на партијата и се ставам на располагање за каков било понатамошен ангажман“,
објави Сугарески на Фејсбук.
Покрај пратеник и министер, Сугарески беше и директор на Царинската управа, што е последна јавна функција што ја извршувал. На оваа функција тој беше назначен во јануари годинава, но си поднесе оставка во јули бидејќи реши да влезе во трката за градоначалник на Прилеп.
На изборите на 17 октомври тој убедливо загуби од Јовчески од ВМРО-ДПМНЕ. Сугарески имаше 14 655 гласа, а Јовчески 22 196.