Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Душко Иванов, за МИА вели дека од решението на инспекцискиот надзор ќе знаат што понатаму да преземат
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Штип го чека инспекцискиот надзор од Министерството за локална самоуправа, откако синоќа министерот за локална самоуправа Горан Милевски го најави за општините Штип и Аеродром, за дадените свечени изјави со Република Македонија, а не со уставното име Република Северна Македонија.
Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Душко Иванов, за МИА вели дека од решението на инспекцискиот надзор ќе знаат што понатаму да преземат.
Доколку свечената изјава која ја дадоа 13 советници на ВМРО-ДПМНЕ и еден советник на Левица се прогласат за невалидни, ништовни, како и изборот на претседателот на Советот на Општината, кој е извршен по дадената заклетва, во тој случај, тие ќе се жалат пред Управниот суд.
Иванов посочи дека ќе го почекаат надзорот, по што ќе се произнесат. Инспекцискиот надзор до претпладневните часови не е пристигнат во Општина Штип, тврдат од општинските служби.
Советниците на СДСМ кои ја напуштија конститутивната седница се на став дека Уставот е прекршен и заклетвата, како и одлуките по неа се невалидни и тие ќе го чекаат официјалното правно толкување за овој случај.
Министерот за локална самоуправа, Горан Милески, бара новите советници во општините да го почитуваат Уставот како највисок правен акт и во свечените изјави односно заклетвите да стои уставното име Република Северна Македонија.
Во изјава за ТВ Телма, тој признава дека во Законот за локална самоуправа сè уште стои името „Република Македонија“, а измените во кои ќе биде наведено новото уставно име сè уште не биле доставени до Собранието затоа што за нивно усвојување било неопходно двотретинско мнозинство што во моментов тешко може да се обезбеди.
„И во тие заклетви тие кажуваат дека ќе се водат и ќе работат согласно Уставот и законите, а во овој случај тие уште непочнати да работат го кршат Уставот и тоа не е добро. Јас можам да ги охрабрам и понатаму ако сакаат нека си работат вака, меѓутоа паушалот што ќе го добијат од Северна Македонија нека го враќаат, ако се толку доследни и сакаат нешто да прават еве нека ги враќаат паушалите бидејќи не им доаѓаат од Република Македонија туку од Северна Македонија“,
вели Милевски за ТВ Телма.
Токму на непроменетиот закон согласно новото уставно име, вчера се повикаа советниците на Левица во Општина Аеродром, каде во свечените изјави што ги потпишале го пишувало старото уставно име и во Штип, а вчера и во Кисела Вода.
Одговарајќи на новинарски прашања, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера кажа дека новото уставно име е реалност и ако не се почитува може да се случат проблеми во административното функционирање на државата. Кога ќе дојдеме на власт, рече тој, ќе работиме тоа да го промениме.