Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека премиерот во оставка не се појавил на денешното рочиште, иако самиот ја поднел тужбата за клевета во врска со обвинувањата за негова вмешаност во „Рекет“
По денешното рочиште во Граѓанскиот суд во Скопје, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, изјави дека премиерот Зоран Заев не се појавил на судењето во врска со обвинувањата за негова вмешаност во случајот „Рекет“.
Николоски рече дека рочиштето траело долго, за што немало потреба, со оглед на тоа што завршните зборови биле на писмено. Сепак, тој изрази надеж дека неискуството, како што рече, нема да влијае на одлуката во овој предмет, имајќи предвид дека се промени судија.
„Предметот досега се водеше коректно се надевам дека така и ќе остане. Ве заморуваме вас, ја заморуваме јавноста со банални работи, со работи кои и се добро познати на македонската јавноста, за кои, всушност, суд даде и народот на изборите кои се одржаа во неделата на 31 октомври, така што самото негово непојавување во судот доволно говори за тоа на чија страна е вистината. А, вистината е јасна и едноставна, тоа е дека во Македонија имаше рекет, дека предмет на рекет беа повеќе од еден бизнисмен, дека беа изрекетирани многу средства, дека имаше јасна пирамида и јасно е кој беше на врвот на таа пирамида. Очекувам судот да донесе пресуда во моја корист“.
рече Николоски
Заев го тужи Николоски за клевета, посочувајќи дека неговите обвинувања се неосновани.
Николоски, пак, вели дека од сите докази што ги доставил пред судот се покажува оти аферата „Рекет“ не била правилно презентирана во јавноста, односно дека не се работи за минорен случај во кој е рекетиран еден бизнисмен, туку повеќе и дека освен Бојан Јовановски и Катица Јанева, вклучена е и цела пирамида од СДСМ на чело со Заев.