Новиот градоначалник на Бутел, Дарко Костовски, пак, вели дека за жал новото уставно име е реалност наметната од Зоран Заев и тврди дека од ВМРО-ДПМНЕ немал никаква насока за користење на старото име. Градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, пак, вели дека и во неговата општина имало обид како во Штип и Аеродром и смета дека станува збор за оркестрирани обиди кои се само популистички
Генералниот секретар на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, вели дека уставното име Република Северна Македонија треба да се почитува и околу тоа нема дилеми, без разлика на личниот став.
Својот став тој го кажа во гостувањето во „Топ Тема“ на ТВ Телма, коментирајќи ги последните случувања во општините Штип и Аеродром каде власта ја презема ВМРО-ДПМНЕ, а на конститутивните седници советници потпишаа свечени изјави со старото уставно име на држава „Република Македонија“.
„Тоа е уставна промена која треба да се почитува, без разлика, секој може да има личен став, меѓутоа официјален став е името на државата во Уставот стои Северна Македонија и тука нема дилеми. Тоа што стои во законите, тоа треба да се спроведува без разлика кој и како сме. Ние продолжуваме како што е, уставното име на државата е, така продолжува. Како се случило, што се случило не е важно, сега е вака и треба да се продолжи. За тоа нема дилеми, не треба ни да се разговара за тоа. Се друго е личен став“,
рече Таравари чија партија на овие локални избори коалицираше со ВМРО-ДПМНЕ.
Во дебатната емисија со него гостуваше и новиот градоначалник на Бутел од ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски, кој рече дека немале никакви насоки од партијата околу ова прашање.
„Јас лично не сум имал никаква насока по однос на ова прашање, можам само да кажам, како и по ниедно друго прашање, освен некои основни принципи за кои претседателот Христијан Мицкоски говореше во кампањата“,
рече Костовски.
Тој тврди и дека во Бутел, каде сè уште не е одржана конститутивната седница на новиот Совет, сè уште не e променет ниту печатот согласно новото уставно име.
„Тоа е новата реалност во Македонија, за жал наметната од Зоран Заев, за мене лично секогаш ќе остане Република Македонија“,
прокоментира Костовски.
Старо-новиот градоначалник на Валандово, Перо Костадинов, пак, смета дека ваквите случувања како во Штип и Аеродром, се оркестрирани бидејќи и во неговата општина имало таков обид.
„Ние имавме вчера во Валандово имавме конститутивна седница и кај нас имаше ваков обид така што очигледно е дека тоа е оркестриран обид. Кај нас е веќе познато да се користи национализмот и националистичкиот фолклор за гол популизам и навистина ми е жал што тоа се случува. Сите тројца овде сме градоначалници, утре ќе мора да потпишеме плата под Уставот и под новиот печат кои се променети во сите општини“,
рече Костадинов.