Нето-добивката на компанијата скокна на 8,1 милијарди долари во летниот квартал, од 1,46 милијарда долари во истиот период минатата година
Американскиот фармацевтски гигант „Фајзер“ денеска го зголеми проценетиот приход од продажбата на вакцината против ковид-19 оваа година на 37 милијарди долари благодарение на договорите за продажба на трета доза.
Кон крајот на јули компанијата процени приходи од продажба на вакцини на 33,5 милијарди долари.
„Фајзер“ сега очекува да испорача 2,3 милијарди дози од вакцината оваа година, 200 милиони повеќе отколку што очекуваше во јули, според договорите потпишани до средината на тој месец. Оттаму потврдуваат дека планираат да произведат три милијарди дози оваа година.
Разликата во производството и испораката ќе биде забележана во приходите следната година, забележуваат од компанијата, проценувајќи го директниот приход од продажбата на вакцини во 2022 година на 29 милијарди долари, според договорите потпишани до средината на октомври.
Од „Фајзер“ додаваат дека ќе продолжат со преговорите со владите за потенцијални дополнителни нарачки следната година.
Се проценува дека во 2022 година фармацевтската компанија ќе произведе четири милијарди дози вакцини и ќе испорача 1,7 милијарда, според договорите потпишани до средината на минатиот месец.
Вкупниот приход оваа година се проценува на 81 до 82 милијарди долари, а во јули процената беше од 78 до 80 милијарди долари.
Приходите од директната продажба на вакцината се очекува да достигнат 29 милијарди долари следната година, според договорите потпишани до средината на минатиот месец, а компанијата забележува дека ги продолжува преговорите со владите за потенцијални дополнителни нарачки во 2022 година.
Во периодот од јули до септември, благодарение на вакцината, компанијата повеќе од двојно ги зголемила приходите во однос на истиот период минатата година, пред регистрацијата на вакцината, на 24,1 милијарди долари.
Приходите од вакцината против ковид-19 беа 13 милијарди долари помеѓу јули и септември.
Нето-добивката скокна на 8,1 милијарди долари во летниот квартал, од 1,46 милијарда долари во истиот период минатата година. Со исклучок на еднократните ставки, приспособениот профит е повеќе од двојно зголемен, на 7,68 милијарди долари.
Трошоците за истражување и развој се зголемија за 50 отсто, на 3,44 милијарди долари, како дел од соработката со биофармацевтската компанија „Арвинас“ за лек за рак на дојка.