Поранешниот бугарски вицепремиер смета дека нашата земја влегува во опасни турбуленции, дека народот гласал тврдоглаво и од инает и дека Зоран Заев пропуштил шанса да го реши прашањето со Бугарија
Поранешниот бугарски вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов смета дека Република Северна Македонија влегува во опасни турбуленции по локалните избори и за тоа го посочува изборниот резултат и, како што вели, триумфот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Се разбира дека нема шанси да кажеме дека изборите да не создаваат проблем ниту триумфот на ДПМНЕ – оние што зборуваа за кршење договори, за обновување спомен-плочи во РСМ, дефинирање на нашата држава како фашистички окупатор и повикуваа на целосна дипломатска ЕУ-офанзива против Бугарија“,
напиша тој на својот фејсбук-профил.
Според него, нашата земја сега влегува во опасните турбуленции, во кои, како што вели, се наоѓаме повеќе од половина година.
„И голема заблуда е да се мисли дека без јасна перспектива на последиците може да се решат горливите проблеми таму. А сè можеше да биде далеку поедноставно доколку Зоран Заев и неговата влада направеа напори за спроведување на условите од Договорот за добрососедство. Значи, преговорите со ЕУ би биле во тек, а во нив Северна Македонија би го имала бугарското рамо, како што се обврзавме. Но, нема шанси само една страна да ја задржи својата посветеност на меѓународните договори“,
смета Каракачанов.
„Реалноста е дека преговорите никогаш не започнале, бидејќи односите меѓу двете земји се на точка на замрзнување, а правата на Бугарите крај Вардар се на ниво на Титова Југославија“,
вели тој.
Понатаму тој вели дека резултатите од локалните избори во Северна Македонија покажаа дека и „нашите браќа таму гласаат тврдоглаво без јасна перспектива, како во Бугарија“, па заклучува:
„Ова не е чудно со оглед на неспорниот факт дека сме еден народ. Сепак, гласањето за инает е само протест, а не решение на проблемите. Напротив, дури и ги продлабочува“,
пишува Каракачанов коментирајќи ги резултатите од локалните избори во земјава.