Повеќе од 6 500 лица кои влегле илегално, главно од Авганистан, биле уапсени во Бугарија од јануари до септември, што е три пати повеќе отколку во истиот период во 2020 година, соопшти Министерството за внатрешни работи
Бугарија испрати 350 војници на границата со Турција за да и помогне на полицијата поради зголемениот притисок од мигрантите, изјави министерот за одбрана Георги Панајотов.
„Од денеска војниците се на бугарско-турската граница за поддршка на граничната полиција. Испратени се 350 луѓе“,
рече тој во интервју за БТВ.
Повеќе од 6 500 лица кои влегле илегално, главно од Авганистан, биле уапсени во Бугарија од јануари до септември, што е три пати повеќе отколку во истиот период во 2020 година, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Бугарија е на надворешната граница на ЕУ на рутата за мигрантите кои сакаат да стигнат до Европа. Ограда од бодликава жица, на места искината, се протега на 259 километри од бугарско-турската граница.
Во август, парламентот одлучи да испрати меѓу 400 и 700 војници на границите на Бугарија со Турција и Грција за да помогнат, меѓудругото, во поставувањето огради.
Бугарија како членка на ЕУ, никогаш не прифати поголем број баратели на азил и повеќето од нив ја напуштаат земјата пред и да добијат статус бегалци.