Од тоа кога Заев би ја доставил оставката во Собранието зависи и кога ќе почнат да течат роковите од 10 дена во кои шефот на државата би требало да одреди друг мандатар и од 20 дена за составување нова влада
Во Собранието претпладнево се одржа редовна (понеделничка) координација меѓу претседателот на парламентот Талат Џафери и координаторите на пратеничките групи, еден ден по локалните избори кои резултираа со крупни промени во „четвртата власт“, но и со оставка на премиерот Зоран Заев.
Според собраниски извори, оставката на Заев досега не е стигната во парламентот, а очекувањата се дека тоа би се случило по средбата што премиерот во оставка ја закажа за подоцна попладнево со коалициските партнери, односно со лидерите на парламентарните партии кои се дел од парламентарното мнозинство.
Собранието не заседаваше во последните четири седмици, од почетокот на кампањата за локалните избори, така што во агендата засега нема најава за нова седница, на која би се констатирала и оставката што се очекува и формално да ја поднесе Заев до Собранието.
Од кабинетот на Џафери велат дека на денешната координација било договорено дека, согласно процедурата, треба да се почекаат официјалните резултати од ДИК, по што спикерот ќе ја свика седницата за верификација на мандатите на пратениците кои се следни на листата на политичките партии чии пратеници се избрани за градоначалници.
Од тоа кога Заев би ја доставил оставката во Собранието зависи кога ќе почнат да течат роковите од 10 дена во кои шефот на државата би требало да одреди друг мандатар и од 20 дена за составување нова влада.
Според Деловникот на Собранието, Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка. Оставката на Владата или на претседателот на Владата се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката. Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата.