Хаваријата што утрово во три часот се случи во североисточна Бугарија го наруши снабдувањето со гас во повеќе земји од регионот, меѓу кои Србија, БиХ, Унгарија и Романија
Операторот на гасоводната мрежа во Бугарија, „Булгартрансгаз“, соопшти дека транспортот на природен гас за Србија и Унгарија е прекинат по дефект на гасоводот во близина на селото Ветрино во североисточна Бугарија, пренесе Ројтерс.
Британската агенција потсетува дека Бугарија преку својата гасоводна мрежа транспортира руски гас до Србија и Унгарија.
Поради несреќата, која е пријавена во 3 часот наутро по бугарско време, е запрен и протокот на гас кон Романија, но тој е делумно обновен утрово по 8 часот.
Во соопштението од компанијата се наведува дека дефектот предизвикал само материјална штета и дека екипите веќе се на самото место и работат на поправка на гасоводот.
Нема греење во Нови Сад и во Сараево
Јавното претпријатие на новосадската топлана соопшти дека во прекин е снабдувањето со топлинска енергија за сите корисници на услугите поради несреќата во Бугарија.
Во соопштението се наведува дека несреќата во Бугарија доведе до целосен прекин на испораката на гас до Јавното претпријатие „Србијагас“, единствениот дистрибутер на гас во Србија.
И босанскиот оператор за испорака на гас „Енергоинвест“, исто така, соопшти дека во четири часот утринава дошло до дефект на трасата за транспорт на гас преку Бугарија, со што, како што велат од компанијата, бил нарушен нормалниот проток на гас кон БиХ.