На полноќ почна изборниот молк, кој ќе трае до затворањето на гласачките кутии в недела навечер
Завршува кампањата за локалните избори 2021 година. На полноќ почна изборниот молк, кој ќе трае до затворањето на гласачките кутии в недела навечер.
Во наредните два дена, гласачите во 44 општини и во градот Скопје ќе може да гласаат за еден од двајца кандидати за градоначалник кои останаа во вториот изборен круг.
Во 34 општини изборот на градоначалници заврши во првиот круг, а во две општини изборната постапка треба да се повтори поради тоа што во првиот круг, на 17 октомври, не беше иосполнет цензусот за излезност на најмалку една третина од запишаните избирачи. За овие две општини, претседателот на Собранието наскоро треба да распише нови избори.
Исто така, во две општини в недела ќе има прегласување на по едно избирачко место, односно повторување на гласањето за избор на советници.
Утре гласаат лица во изолација, болни и немоќни лица, како и притвореници и затвореници. В недела, во 7 часот почнува гласањето на избирачките места, кое ќе трае до 19 часот.
Пред неколку дена, ДИК го измени Упатството за важечки и неважечки гласачки ливчиња. ДИК ги задолжи избирачките одбори задолжително да постапуваат според членот 109 став 2 и да ставаат печат на секое гласачко ливче, а доколку има ливчиња без печат да постапат согласно член 115, а во врска со член 110 од Изборниот законик, односно тие ливчиња да бидат важечки доколку волјата на гласачот е јасно изразена.
За вториот круг, ДИК, како што соопштија оттаму, ангажира над 400 лица за техничка поддршка на избирачките места и за надминување на проблемите со употребата на апаратите за отпечаток од прст.
ДИК вчера го презеде доверливиот избирачки материјал за вториот круг од локалните избори. Во печатницата „Киро Дандаро“-Битола за седум дена се испечатени 1,6 милион ливчиња од доверливиот избирачки материјал што ДИК им го предаде на општинските изборни комисии во општините каде што в недела ќе има гласање.