На прашање на обвинителката Лиле Стефанова, кое лице било запишано како управител на фирмата, сведокот кажа дека Ивановски рекол оти тоа ќе биде Ристо Новачевски, кој Алек Теранова го претставил како кум на Груевски
Адвокатот Серјожа Марков, во чија канцеларија бизнисменот Александар Ивановски – Алек Теранова се обратил за основање на „Синах инженеринг“, фирмата ќерка на офшор-компанијата „Синах лимитед“ од Белизе, на денешното рочиште за случајот „Плацови на Водно“ кажа дека бизнисменот на првата средба му кажал оти ги пратил тогашниот премиер Никола Груевски.
Адвокатот кажа дека Ивановски инсистирал лично со него да се види и му рекол дека тоа не е за по телефон.
„Кога дојде во канцеларијата, во прв момент забележав ароганција, зашто го познавам повеќе од 20 години, и пред да ми каже за што е работата рече дека е пратен од тогашниот премиер Никола Груевски и дека ова тој го работи за него“,
сведочеше Марков.
На прашање на обвинителката Лиле Стефанова, кое лице било запишано како управител на фирмата, сведокот кажа дека Ивановски рекол оти тоа ќе биде Ристо Новачевски.
„Ми рече дека тоа ќе биде Ристо Новачевски, ми го претстави како кум на Груевски, ми најави дека ќе дојде во следните денови, но тука веќе беше присутна адвокатката што работи во мојата канцеларија, Менка Макаровска, која го работеше овој случај. Реков целата кореспонденција да ја води со неа. Нејзе ѝ кажав за сите активности да го известува и за тоа да има писмена кореспонденција, имајќи предвид дека ако утре дојде до проблем некој може нас да нè посочи како виновници“,
сведочеше адвокатот.
Тој, исто така, кажа дека, имајќи го предвид авторитетот на тогашниот премиер, му кажал на бизнисменот дека услугата ќе биде про боно, односно бесплатна.
Ивановски, познат како Алек Теранова, пак, исто така денеска се појави во судница и сведочеше за формирањето на фирмата ќерка на офшор-компанијата.
Тој не кажа дека уште од почетокот знаел дека Груевски стои зад тоа, туку дека бил замолен од Сашо Мијалков за „негов пријател“.
„Имам преземено некои активности во врска со таа фирма и тоа по замолница на мојот добар пријател Сашо Мијалков, кој ме замоли за негов пријател да потпишам полномошно за основање на таа фирма во Македонија“,
сведочеше Ивановски претходно, кој кажа и дека отпосле дознал дека Новачевски е управител.
Отколку овие околности и Мијалков имаше прашање и за адвокатот Марков и за бизнисменот Ивановски.
По адвокатот Мијалков го праша дали тој лично му се јавил некогаш околу овој случај на што доби одговор: „Ниту пред ниту подоцна не се јави никој друг освен Алек и понатаму Ристо Новачевски“.
По Ивановски, пак, Мијалков го прашуваше дали има докази дека тој му се јавувал и барал да се основа фирма, како и да оди да провери дали парцелите се влезени во ДУП како градежно земјиште, на што бизнисменот му одговори дека нема докази.
На следното рочиште, кое е закажано за 11 ноември, во случајот „Плацови на Водно“ треба да сведочи адвокатка од канцеларијата на Марков, како и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште двајца други сведоци.
Во случајот Груевски е првообвинет, а делата се перење пари и противправно стекнување и прикривање имот. За разлика од него, кому му се суди во отсуство, на обвинителка клупа седат Сашо Мијалков (за помагање во перење пари), Јордан (Орце) Камчев, неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ, кои се обвинети за перење пари.
Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија, наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај за имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик односно Груевски.