Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Минхен, на маргините на 56. Минхенска безбедносна конференција, оствари средба со премиерот на Република Косово, Албин Курти.
Пендаровски упатил честитки за успешно реализираните парламентарни избори и за изборот на новата Влада во Косово, предводена од премиерот Курти. Претседателот Пендаровски, според соопштението од неговиот кабинет, рекол дека нашата земја очекува со новата Влада на Република Косово да се зацврсти билатералната соработка во сите области од заеднички интерес, подвлекувајќи дека на тој начин ќе се продлабочат добрососедските односи кои придонесуваат за напредокот, стабилноста и безбедноста на регионот.
Претседателот Пендаровски нагласил дека Косово е еден од најзначајните трговски партнери на Северна Македонија при што трговската размена се одвива слободно без царини и придонесува за развој на економиите на двете соседни држави. За продолжување на овој позитивен тренд, претседателот Пендаровски изразил интерес за одржување на четврта седница на Мешовитиот комитет за економска соработка во периодот што следи. На средбата се разговараше и за идни заеднички иницијативи како дел од регионалната соработка.