Еден од присутните жители на Бардовци, пак, рече дека е ова било успех на граѓаните кои три месеци се бореле, но немало да успеат без поддршка од Владата

Група граѓани се собраа пред Владата за да ја поздрават вчерашната одлука од владината седница да се прекине со градбата на прифатниот Центар за странци во населбата Бардовци во Општина Карпош, а министерот за правда, Бојан Маричиќ во обраќањето рече дека тоа е голема победа за граѓаните, но и за владата.
„Ова не беше лесна одлука ниту нешто што можеше брзо да се направи, но го завршивме успешно и во интерес и на барање на граѓаните. Како што знаете, владата вчера донесе одлука за стопирање на градбата на Центарот за странци во Бардовци и одлука со која беа задолжени две министерства да бараат нова локација вон населено место, така како што бараа граѓаните на Бардовци. Мислам дека ова е голема победа за граѓани, но голема победа и успех и за Владата затоа што не може Владата без граѓаните ниту граѓаните без владата. Во овој дијалог, граѓаните имаа дилеми, проблеми, стравови. Ние покажавме дека сакаме да ги слушнеме и не само тоа, туку и да ги уваживме и да донесеме соодветни одлуки за да имаат мирен и спокоен живот и за да веруваат во институциите“,
рече Маричиќ кој беше во друштво на пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска.
Според него, во овој случај Владата препознала дека е направен пропуст.

„Ако ова го продолжиме како тренд, ако умееме да признаеме кога некогаш за нешто сме направиле пропуст успехот е загарантиран и за граѓаните и за нас. Затоа ви честитам на вас за вашата упорност и сакам да кажам дека вратите на владата ќе останат отворени за сите ваши проблеми и за сè она што ви треба како населба, општина и граѓани на целата држава“,
рече Маричиќ.
Еден од присутните жители на Бардовци, пак, рече дека е ова било успех на граѓаните кои три месеци се бореле, но немало да успеат без поддршка од Владата.