На состанокот биле разгледани можностите и потребите за евентуална измена на Меморандумот за соработката меѓу двете обвинителства, склучен во 2015 година
Можностите за унапредување на соработката во сите области, а особено во борбата против организираниот и прекуграничниот криминал беа во фокусот на денешната средба на јавниот обвинител на Северна Македонија, Љубомир Јовески, со Иван Гешев, главниот јавен обвинител на Бугарија, соопштија од македонското обвинителство.
Работната посета на бугарскиот главен обвинител во Скопје се остварува на покана на Јовески. Во делегацијата што ја предводи Гешев е и Сијка Милева, јавен обвинител во Јавното обвинителство на Бугарија.

Како што соопштија од обвинителството, Јовески и Гешев на состанокот ги разгледаа можностите и потребите за евентуална измена на Меморандумот за соработката меѓу двете обвинителства, склучен во 2015 година, а дискутираа и за правците за натамошна соработка. Притоа, се разменети искуства за правните норми во двете земји кои се однесуваат на постапувањето во предмети против сериозен и организиран криминал.
Во рамките на дводневната работна посета на земјава, делегацијата на Јавното обвинителство на Бугарија се сретна и со министерот за правда Бојан Маричиќ, како и со шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска.