Во целост соработувам во полициската истрага за утврдување на тоа како се случи оваа трагедија и сум во контакт со нејзиниот сопруг, нудејќи му ја мојата поддршка на него и на неговото семејство, вели актерот
Во шок сум, срцето ми е скршено, вели холивудскиот актер Алек Болдвин во неговата прва јавна изјава, дадена преку социјалните мрежи, откако на сет за филмот „Rust“ случајно ја застрела директорката на фотографија, Халина Хачинс, која им подлегна на повредите. Во несреќата ранет беше и режисерот Џоел Соуза.
Болдвин вели дека во целост соработува со полицијата, а во контакт е и со сопругот на убиената Хачинс.
„Нема зборови со кои можам да го пренесам мојот шок и тага во врска со трагичната несреќа која ѝ го одзеде животот на Халина Хачинс, сопруга, мајка и наша колешка на која ѝ се восхитуваме. Во целост соработувам во полициската истрага за утврдување на тоа како се случи оваа трагедија и сум во контакт со нејзиниот сопруг, нудејќи му ја мојата поддршка на него и на неговото семејство. Срцето ми е скршено за нејзиниот сопруг, нивниот син и сите кои ја познаваа и сакаа Халина“,
напиша Болдвин на Твитер.

Филмот „Rust“ се снима во округот Санта Фе во Ново Мексико. Болдвин ги застрелал Хачинс и Соуза со пиштол реквизит и тоа, според изјавите од полицијата, се случило за време на снимањето или за вежбањето на сцена од филмот. Хачинс била пренсена во болницата на Универзитетот во Ново Мексико, но лекарите не успеале да ја спасат. Ранетиот режисер, пак, бил однесен во регионалниот медицински центар во Санта Фе.
Болдвин денеска даде и исказ во полицијата каде, како што пренесоа медиумите, тој дошол видно вознемирен и во солзи.
„Дојде доброволно и ја напушти зградата откако ги заврши интервјуата“,
рече претходно портпаролот на шерифот на Санта Фе.