Заедно со овогодишниот претседавач Шведска и претседавачот во 2022 година Полска, ова е увод за нашите обврски како претседавач со организацијата во 2023 година
Северна Македонија од 1 јануари, заедно со овогодишниот претседавач Шведска и претседавачот во 2022 година Полска, ќе претседава со ОБСЕ, како увод за нашите обврски како претседавач со организацијата во 2023 година.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи посочи дека денешната работна средба со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, била искористена генерално за прашања поврзани со процесот на организација и самото претседавање на нашата земја со ОБСЕ, која, како што посочи, претставува најголемата регионална организација на северната хемисфера која опфаќа 57 земји учеснички, протегајќи се на три континенти Европа, Азија и Америка.
„Претседавањето со организацијата сериозно ќе придонесе кон зајакнато позиционирање на земјата во меѓународни рамки како конструктивен актер и сериозен придонесувач во зачувување на мирот, стабилноста и соработката“,
изјави Османи и изрази уверување дека државата ќе вложи максимум процесот на претседавање да биде отворен, инклузивен и целисходен, како и дека ќе бидеме ориентирани кон креирање решенија кои ќе овозможат напредок и позитивни придвижувања на процесите во организација.
Посетата на генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, и денешниот состанок во МНР, бил искористен во насока на соработката и поддршката во фазата на подготовка и самото претседавање на земјата со организацијата во 2023 година.
„Претседавањето со ОБСЕ е чест и сведоштво за вашата посветеност на регионална соработка. Тоа е комплексна задача, меѓутоа носи и големи политички придобивки. Тука е генералниот секретаријат и јас да ви помогнеме за вашето претстојно претседавање со организацијата“,
изјави Шмид.
ОБСЕ, посочи Шмид, е единствена платформа за разговори за безбедносни прашања, како и дека прашањата кои се однесуваат на безбедноста мора да се разгледуваат и од гледна точка на животната средина, почитување на човековите права и владеењето на правото.
„Секако Северна Македонија придонесува кон безбедноста, веќе постигнавте голем напредок во последните години во реформирањето на вашето законодавство како дел од процесот на пристапување кон ЕУ, обезбедувајќи почитување на сите етнички заедници“,
изјави Шмид, поздравувајќи го учеството на земјата во регионалниот проект за мониторинг, во борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Таа ја нагласи соработката со ДКСК во борбата против корупцијата, вклучително и за корупција во областа на животна средина, потоа со МВР за постигнување професионална деполитизирана полициска служба во земјата, како и дека работи во областа на родовата еднаквост и сензивитирање на целото законодавство во контекст на родовата еднаквост.
Одговарајќи на прашање на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи, рече дека е одлично што Северна Македонија учествува во регионалниот проект за мониторинг на судењата за борба против организираниот криминал и корупцијата затоа што овој мониторинг ќе даде индикации за таму каде треба да се зголемат капацитетите.
„Уште еден проблем кој влијае врз сите е трговијата со луѓе, проблем којшто се влоши за време на ковид-кризата, тоа е поврзано со организираниот криминал и на ова прашање соработуваме со многу држави. Ова не е прашање кое може да го реши само една земја“,
рече Шмид.
Додаде дека борбата против корупцијата е прашање кое што влијае на сите и затоа е од приоритетна важност за ОБСЕ.
Шмид денеска се сретна со премиерот Зоран Заев, со кого, како што соопштија од владината прес-служба, разговарале главно за претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година.
Претходно беше примена и од претседателот Стево Пендаровски.