Претседателот на ЗНМ потенцира дека во текот на изминатите недели имало повеќекратни тешки навреди, напади и исвиркувања, загрозување на личниот и професионалниот живот на новинарките и новинарите
Регистрираните напади врз новинари во последниве две недели се приближуваат до бројката на вкупни напади во оваа година, што говори за еден недозволив тренд, истакна на денешната прес-конференција претседателот на Здружението на новинари Младен Чадиковски осврнувајќи се на нападите врз медиумските работници за време на предизборната кампања за локалните избори 2021.
Тој побара надлежните, Министерството за внатрешни работи и обвинителствата, веднаш да постапуваат по тие случаи.
„Влегуваме во последната најнервозна фаза на кампањата. Предупредуваме дека сето ова мора веднаш на престане. МВР и Обвинителствата да реагираат за да покажат дека нападите врз слободната мисла се недозволиви. Поднесовме претставки, повеќе пати и до МВР и до ДИК, за сите овие случувања и затоа очекуваме побрза реакција. Изборите ќе завршат на 31 октомври и ние новинарите нема да си легнеме со мислата дека до вчера беше кампања и се беше дозволено, а од денес почнува демократија. Сите овие случувања оставаат лузни на медиумската сцена и на демократската атмосфера во целата земја. Затоа бараме, не утре, реакција на надлежните уште веднаш и сега“,
рече Чадиковски.

Претседателот на ЗНМ потенцира дека во текот на изминатите недели имало повеќекратни тешки навреди, напади и исвиркувања, загрозување на личниот и професионалниот живот на новинарките и новинарите.
„Ја организиравме оваа прес-конференција на неколку дена пред Светскиот ден на неказнивоста на нападите врз новинари затоа што чувствуваме дека изборниот процес донесе премногу емоции кои се преточија во неприфатлив однос на дел од политичките актери, учесници во изборите, кандидати, партиски експоненти и партиски активисти“,
рече Чадиковски.
Тој констатира дека креираната атмосфера е предупредувачка и мора веднаш да престане.
„Не станува збор ниту за една партија или кандидат, туку за различни политички провениенции“,
додаде Чадиковски.
Медиумските работници, кои во изминатиот период ги доживеале немилите настани, побараа итна реакција од страна на надлежните.
Како што истакнаа, за новинарите искажаниот збор „тежи“, за разлика од оние што се „расфрлаат со ветувања, кои потоа не важат“.