Претставени се 28 фотографии од лица и настани кои го обележаа патот на нашата земја до Алијансата, во периодот од 1993 година – досега
Во седиштето на Алијансата во Брисел, министерката за одбрана Радмила Шекеринска попладнево ја отвори изложбата „Патот на Северна Македонија до НАТО“.
„Задоволство ми е да ја отворам оваа изложба која го претставува нашиот пат кон Алијансата. Моментот на зачленување во НАТО беше момент за паметење, момент на гордост. Успеавме зашто бевме посветени и зашто ја имавме вашата поддршка“,
рече министерката на отворањето пред амбасадорите во НАТО.
Шекеринска, како што се посочува во соопштението од МО, им се заблагодари на претставниците на земјите – членки за сета помош низ годините и порача дека тоа Северна Македонија го цени и не го заборава.

Помошничката на генералниот секретар на Алијансата за јавна дипломатија, Баиба Браже, истакна дека оваа изложба илустрира пат исполнет со посветеност и мудрост.
„Вие сте успешна приказна“,
рече Браже.
На изложбата се претставени 28 фотографии од лица и настани кои го обележаа патот на нашата земја до НАТО, во периодот од 1993дина – досега.
По изложбата, во просториите на Постојаната делегација на Северна Македонија во Алијансата, министерката Шекеринска им врачи благодарници на повеќе личности кои во рамките на НАТО силно ја поддржуваа и ја помагаа интеграцијата на нашата земја.