Од 14-те милиони долари кои се дел од спогодбата, 4,75 милиони се казна за компанијата, а останатите се за исплата на отштета на евентуалните жртви

Фејсбук се согласи да плати 14,24 милиони долари за да го запре гонењето на американските власти кои го обвинуваат за доделување на некои добро платени работни места на странски државјани, на штета на американските граѓани и жителите со дозвола за постојан престој (зелена карта).
Американското Министерство за правда поднесе тужба кон крајот на 2020 година тврдејќи дека компанијата намерно изградила систем за вработување што ги спречува квалификуваните Американци да дознаат за одредени работни места и да се натпреваруваат, на пример, со неприфаќање на онлајн кандидатури. Компанијата на Марк Закерберг, се тврди од американското Министерство, всушност ги чувала тие работни места за вработени кои веќе работеле во неа со привремена виза и сакале да добијат зелена карта. На почетокот на годината, пак, и Министерството за труд отвори истрага за политиката за вработување на компанијата.
„Фејсбук не е над законот и мора да ги почитува граѓанските права што важат во нашата земја“,
изјави заменичката на главниот обвинител Кристен Кларк.
Во пораката објавена вчера, компанијата тврди дека ги почитувала прописите, но се согласила да плати отштета за да го прекине гонењето.
Од 14-те милиони долари кои се дел од спогодбата, 4,75 милиони се за компанијата, а останатите се за исплата на отштета на евентуалните жртви на дискриминација поради нивното државјанство или имиграцииски статус.