Правилото за задолжителен сертификат нема да важи за самопослугите, банките и аптеките

Од четврток (21 октомври) и Бугарија ќе воведе ковид-сертификат за влез во затворени простории, најави денеска министерот за здравство, Стојчо Кацаров.
Ковид-сертификатот значи дека на граѓаните ќе им биде потребен доказ за вакцинација, за прележан ковид или негативен ПЦР-тест. Тој ќе биде неопходен за влез во театри, галерии, трговски центри, хотели, базени, фитнес-центри, спортски сали …
„Сите бизниси кои не сакаат да го прифатат овој метод, едноставно нема да работат“,
рече Кацаров.
Сертификатите стануваат задолжителни за вработените во домовите за стари лица, центрите за дијализа и болниците во Бугарија.
Правилото за задолжителен сертификат нема да важи за самопослугите, банките и аптеките.
Претходно медиумите објавија дека бугарските власти размислуваат за воведување на ваква мерка откако Бугарија забележа рекорди по бројот на новозаразени, како и сериозна ситуација во болниците. Само во последните 24 часа регистрирани се 4 979 новозаразени со ковид-19 или дури 18,6 отсто од тестираните граѓани. Рекорден беше и бројот на починати – 214. Дури 84,23 отсто од новозаразени и 94,39 отсто од починатите биле невакцинирани.