Сообраќајката се случила пред околу еден час, полицајци во моментов вршат увид на местото на несреќата, а се очекува на терен да пристигнат и претставници на тетовското обвинителство
Едно лице го загуби животот, а две се повредени во тешката сообраќајна несреќа која попладнево околу 17 часот се случила на автопатот Скопје-Тетово во близина на надвозникот за Требош. Во сообраќајката учествувале три автомобили и едно товарно возило, а според првичните искази дадени во СВР Тетово имало уште едно возило за кое се тврди дека го напуштило местото.
„Во тек е увид на самото место на несреќата во која едно лице го загуби животот, а две се пренесени во Клиничка болница Тетово за укажување помош. На местото се полициски службеници, како и вработени на Тетовската територијална противпожарна единица кои интервенираат на возилата и Итна медицинска помош. Се очекува во увидот да се вклучат и претставниците на тетовското обвинителство“,
информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Според првичните информации патничките возила се од марките пежо, опел и голф додека товарното возило е мерцедес.