Додека да се консолидира унгарската поддршка на македонските медиуми, мала фирма од предградие на Будимпешта издржуваше цели редакции, пишува БИРН во најновото истражување.
Станува збор за фирмата „Оливери“, регистрирана во предградие на 12 километри од Будимпешта, која тргнува со маслиново масло што се произведува во Хрватска, а се рекламира само на одредени медиуми во Македонија.
Рекламата може уште да се види на телевизијата „Алфа“. До неодамна доминираше и на повеќе информативни портали (Курир, Денешен, Лидер, Република и други), но од почетокот на годинава ја снема оттаму и остана само на телевизијата.
И други, еднакво опскурни мали фирми од Унгарија, исто така, објавуваа или сѐ уште објавуваат реклами на овие медиуми. Станува збор за „Бониарт“, трговска фирма за онлајн-продажба на декоративни производи за домот, како магнети за фрижидери, плочки со натписи за врати и „Скин дилајт“ фирма за козметички производи.
Изборот на места каде што се сретнуваа рекламите воопшто не е случаен. Станува збор за т.н. „унгарски медиуми“ групирани во три компании, наречени така бидејќи во 2017 година во нив влезе унгарски капитал преку луѓе кои се сметаат за дел од експанзионистичката пропаганда на Виктор Орбан.
Претходно, некои од овие медиуми беа во сопственост на мистериозни компании од офшор-дестинацијата Белизе, а уредувачката политика им беше (и сѐ уште им е) силно поддржувачка кон партијата ВМРО-ДПМНЕ и често напаѓачка, не само кон СДСМ туку кон сите што поранешната владејачка партија ги сметаше за свои противници.
Но, откако партијата тогаш предводена од Никола Груевски изгуби власт, настанаа проблеми. Во 2017 година, во медиумите доцнеа плати, некои се затворија (печатено издание на Република, Радио слободна Македонија, поранешна ТВ Нова) додека други се реорганизираа со нови програми.
Откако ги снема државните реклами, дојдоа унгарските.
„Мистериозен пријател“
Така, фирмата „Оливери“, на пример, продава маслиново масло по цена од најмалку 15 евра за литар, плус достава. Самата достава, пак, е исклучително скапа, па за едно шише да пристигне од Будимпешта во Скопје вкупната сума може да достигне 70 евра. Сепак, и со таква понуда фирмата се рекламира во Македонија, а истражувањето на БИРН не ја најде фотографијата од рекламата на ниедно друго место, освен на македонските портали.
Сопственикот на оваа фирма, Петер Паскај, за унгарски портал рекол дека сакал да го прошири бизнисот, а рекламирање во Македонија било на „препорака на пријател“. Тој одбил да го открие идентитетот на пријателот.
Двајца клучни играчи
Со помош на онлајн-алатките за пребарување минати содржини на интернет, може да се забележи дека овие реклами се појавуваат во земјава од 2017 година, што коинцидира со времето кога унгарскиот капитал влезе во нив. Клучните играчи преку кои се ширеше тој капитал беа Агнеш Адамик и Питер Шац.
Адамик и Шац се сопственици и на медиуми во Словенија. Тие се сметаат за луѓе преку кои се спроведува ширењето на десната конзервативна идеологија на Виктор Орбан во регионов.
Целото истражување на БИРН можете да го прочитате ТУКА.