Хил беше и амбасадор на САД во Македонија во периодот од 1996 до 1999 година, назначен во мандатот на Бил Клинтон
Американскиот дипломат и поранешен амбасадор на САД во Скопје, Кристофер Хил, е номиниран за нов амбасадор на САД во Србија, соопшти Белата куќа преку својата веб-страница.
Хил е дипломат од кариера. Тој беше и амбасадор на САД во Македонија во периодот од 1996 до 1999 година, назначен во мандатот на Бил Клинтон. Во регионот тој е познат и по тоа што беше специјален пратеник на САД за Косово во 1998-1999.
Покрај во земјава, тој бил американски амбасадор и во Полска, Ирак и Кореја
Во неговата биографија се запиша и функцијата помошник-државен секретар на САД за Источна Азија и Пацификот, а беше и шеф на американската делегација во преговорите со Северна Кореја.
Исто така, беше и заменик на Ричард Холбрук, главниот американски преговарач за време на мировните преговори во Дејтон, со што заврши војната во Босна и Херцеговина.
Тој е добитник и на многубројни признанија и зборува неколку странски јазици меѓу кои и македонскиот, како и полски и француски.