Претседателот на Бугарија, Румен Радев, коментирајќи го вчерашното соопштение на бугарското Министерството за надворешни работи, дека бугарските споменици во земјава во најголем дел биле во многу лоша состојба, рече дека тоа е системски процес на дебугаризација. Тој додаде дека бугарското Министерство за надворешни работи и Министерството за одбрана го расветлуваат случајот.
„Ова допрва треба да се утврди, но тоа е систематски процес на дебугаризација, процес на уништување на нашето културно-историско наследство во С Македонија. Ова прашање го поставив на Самитот во Љубљана. Предворјето за интеграција на С Македонија во ЕУ се правата на Бугарите, недискриминација, како и нивна целосна интеграција во културниот, економскиот, социјалниот и политичкиот живот на оваа земја. Исклучително е важно да бидат признаени во Уставот на С Македонија, и тоа свечено да биде прогласено од претседателот, Владата и Собранието на С Македонија“,
рече Радев.
Бугарија ќе реагира на вакви случаи, додаде Радев. Според него, вистинскиот проблем била дебугаризацијата и дискриминацијата на луѓето со бугарски идентитет во С Македонија.
Во соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи објавено вчера се вели дека Бугарија придава големо значење на прашањето за зачувување на бугарското културно-историско наследство и на бугарските воени гробишта во Република Северна Македонија и со години води политика за пребарување и обнова на бугарските воени гробишта и споменици во земјата.
Според бугарското Министерство, бугарските споменици во земјава во најголем дел се во многу лоша состојба, како резултат на „конзистентната политика на дебугаризација во минатото на територијата на денешна Република Северна Македонија“. Исто така, се наведува дека бугарските власти постојано се обраќаат за помош до властите во Скопје, „кои знаат дека ова е едно од болните прашања за Бугарија“.
„Повиците до властите во Република Северна Македонија за помош во потрагата, реставрацијата и заштитата на бугарските воени гробишта беа упатени во едногласно усвоената Декларација на 10 октомври 2019 година на 44. седница на Народното собрание. Затоа, информацијата за уништување на две бугарски воени гробишта на територијата на Република Северна Македонија, испратена од Фондацијата ‘Македонија’, ја сметаме за многу сериозна и Министерството за надворешни работи на Бугарија активно работи на разјаснување на фактите и преземање соодветни мерки“,
се додава во соопштението.