Независниот академски синдикат бара да се деблокира процедурата за донесување на законот за исплата на плати во Комисијата за труд и социјална политика, на чие чело е пратеникот Ѓорчев
Независниот академски синдикат (НАкС) денеска упати апел за итно закажување расправа во матичната собраниска Комисија за труд и социјална политика, со што, велат, ќе се откочи процедурата за усвојувањето на дополнувањето на Законот за исплата на платите кое предвидува покачување на платите во високото образование од 10 отсто.
Од Синдикатот посочуваат дека денеска испратиле барање за средба со Владимир Ѓорчев, претседател на Комисијата за труд и социјална политика, пред одржувањето на закажаната седница на Комисијата во 14 часот, со цел да ја образложат уште еднаш важноста од усвојувањето на законот. Но, како што наведуваат, одговор на барањето не добиле, а во меѓувреме седницата на Комисијата повторно била одложена.
„Апелираме уште еднаш за итно закажување расправа во матичната комисија, со што ќе се откочи процедурата за усвојувањето на законот кој предвидува покачување на платите во високото образование од 10 отсто. Ако тоа не го стори претседателот на Комисијата, бараме од претседателот на Собранието, Талат Џафери, согласно неговите надлежности, да ја закаже седницата на Комисијата за труд и социјална политика. Потсетуваме уште еднаш дека, ако Собранието не го изгласа законот пред да се распушти, ќе стане јасно дека ветеното покачување на платите во високото образование претставува само предмет на предизборни партиски надмудрувања, кои се прекршуваат врз грбот на вработените во високото образование“,
стои во соопштението од НАкС.
Измените на Законот за исплата на платите е една од неколкуте точки што требаше да ги разгледа денеска Комисијата за труд и социјална политика. Но, претседателот на ова тело, како што објавивме, без образложение, претпладнево ја откажал седницата на неопределено време.