Бизнисменот влезе во истражниот затвор во март за случајот „Плацови на Водно“
Бизнисменот Орце Камчев останува во притвор, бидејќи Апелацискиот суд му ја одби поднесената жалба.
„Потврдена е мерката притвор“,
одговориле од Апелација за „Фокус“.
Бизнисменот неколкупати бараше да му биде укинат притворот, за што нудеше и милионска гаранција, но засега и понатаму останува зад решетки во истражниот затвор „Скопје”.
Камчев мерката притвор ја доби како обвинет во случајот „Плацови на Водно”.
На рочиштето на 10 септември, одбраната на Камчев предложи да се укине мерката притвор или таа да се замени со куќен притвор.
„Имав времен пасош од мај 2019 до ноември 2020 година и го користев 56 пати за службени патувања. Последен пат го користев четири дена пред истекот, за итно патување во Истанбул, за што е информиран и министерот Спасовски. Да сум сакал да бегам, ќе сум бегал“,
изјави обвинетиот Камчев.
Според него, обвинителката во „Плацови на Водно“ Лиле Стефанова во сите шест барања за промена на определените мерки ги манипулира податоците, за што, рече дека ќе има и посебна постапка против неа.
„За белешката од АБН сум подготвен веднаш да одговарам на полиграф. Второ, обвинителката манипулира дека јас поседувам фирми во Србија, Хрватска, Косово и Русија, за кои доставивме податоци од централните регистри од овие држави дека сите овие компании се затворени, со што се покажува дека доставените докази од Обвинителството се лажни и неточни“,
изјави Камчев.
Тој потсети дека, иако досега понудил неколку милиони гаранција, во пари, имот и акции, повторно седум месеци седи во притвор во затворот во Шутка и затоа побара од судот да му определи потребна банкарска гаранција или кауција, што ќе му овозможи да се брани од слобода или од домашен притвор.
Неговиот бранител адвокат Гоце Ристески посочи дека за обвинетиот доставена е и обемна медицинска документација, за постоење сериозни импликации за ризик од кардиоваскуларна смртност.
Камчев досега во два наврати се обиде со кауција да излезе од истражниот затвор во Шутка, но и во двата случаи тоа му беше одбиено.
