Во септември 2018 година, експерти од Пентагон дојдоа во Скопје, заедно со поранешниот секретар за одбрана Џејмс Матис, за да помогнат во справувањето со ова злонамерно влијание. Генерално, вонрегионалните играчи ја водат сета оваа политичка пропаганда преку регионални претставници, открива Пендаровски во интервјуто за грчкиот весник
Во однос на постигнувањето на Договорот од Преспа вели дека успехот е резултат на триаголникот Атина-Скопје-Вашингтон, а како клучна ја потенцира средбата на Заев и Ципрас во Давос
Сѐ додека не напредуваме кон ЕУ, понационалистичките сили освојуваат терен и ова е проблем. Кога преговараш со ЕУ, политичката дискусија е во оваа рамка, постои пат, а во спротивно доаѓаат странски влијанија и тогаш сите почнуваат да се прашуваат „можеби постои друго алтернативно решение наместо ЕУ?, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за неделното издание на грчкиот весник Катимерини, по неодамншеата посета на Атина, пренесе МИА од Атина.
Тој ги објаснува сите пречки на патот кон евроинтеграциите – прво грчката блокада, потоа француската страна бараше нова методологија, а сега е бугарското вето. За последната пречка, вели дека кај некои граѓани поттикнува размислувања дека можеби Бугарија не се сама во ова и дека можеби поголемите и посилните земји не сакаат воопшто Западен Балкан да се интегрира во ЕУ.
„Сметам дека Европската Унија се движи во спротивна насока“,
посочува Пендаровски и тука ја посочува ситуацијата во регионот – целосно заборавена Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора се лакмусов тест за европската интеграција, со преговори што траат со години, наспроти Хрватска која за седум години стана членка.
„Европејците ретко заземаат единствен став за многу работи. Можам да ви кажам дека ако ги прашате луѓето дали ЕУ навистина го мисли она што го вели дека еден ден ќе ја реализира интеграцијата на сите, ќе кажат ‘не’ со големо мнозинство. Поради овој јаз, во изминатата година поддршката за европска интеграција во мојата земја е намалена за 20 отсто , од 85 проценти на речиси 65 -67 отсто“,
истакнува Пендаровски.
За евентуалните странски влијанија во регионот, вели дека постојат вонрегионални играчи, и дека нивното влијание се почувствувало особено по 2018 година и референдумот за името, кога преку ноќ се појавиле тврдења дека не треба да станеме членка во НАТО, ниту на ЕУ.
„За ова прашање добивме помош од НАТО. Во септември 2018 година, експерти од Пентагон дојдоа во Скопје, заедно со поранешниот секретар за одбрана Џејмс Матис, за да помогнат во справувањето со ова злонамерно влијание. Генерално, вонрегионалните играчи ја водат сета оваа политичка пропаганда преку регионални претставници“,
истакнува Пендаровски.
Во однос на грчката поддршка на патот кон ЕУ, вели дека „Грција 25 години беше главната причина за нашата блокада, а сега е нашиот најгласен поддржувач“.
Нимиц не бил многу оптимист дека ќе дочека договор
Во интервјуто за „Катимерини“ Пендаровски говори и за тоа како е постигнат Договорот од Преспа.
Открива дека Нимиц не бил толку оптимист дека додека е тој жив, двете страни ќе се договорат, а активна улога во постигнувањето на решението одиграле меѓународната заедница, особено Вашингтон, но не и Брисел.
„Господинот Нимиц не беше толку оптимист – разговарав со него по Договорот од Преспа- дека во текот н неговиот живот ќе видеше постигнување на договор. Според мене, она што одигра клучна улога во постигнувањето договор беше политичката храброст на двете раководства. Сите знаат дека кога склучуваш толку деликатни и чувствителни договори, не ја подобруваш својата политичка позиција. Премиерите на двете земји, но и меѓународната заедница беа многу активни, особено Вашингтон. Постоеше триаголник на успехот: Атина, Скопје и Вашингтон“,
објаснува претседателот.
На прашањето за улогата на Брисел, вели дека ЕУ е хетерогена организација и додава дека дури и Времената спогодба била постигната по притисок од Американците, коментирајќи дека „не постои ниту еден сериозен спор на Балканот во кој САД не игра клучна улога“.
Додава дека дури и американскиот амбасадор во Атина, Џефри Пајат одиграл значајна улога во некоја фаза од преговорите, но сепак најважниот дел била првата средба во Давос меѓу Зоран Заев и Алексис Ципрас.
На оваа средба, според Пендаровски, тогашниот грчки премиер го прашувал Заев за ерга омнес, на што добил одговор дека е потребно двотретинско мнозинство во Собранието, а Ципрас прашал зошто не оди на избори за да добие мнозинство.
„Заев му одговори дека практично е невозможно за било кој во Северна Македонија да добие двотретинско мнозинство на било кои избори. Киро Глигоров во 1994 година доби двотретинско мнозинство со политичката структура што ја водеше тогаш, но само затоа што опозицијата го бојкотираше вториот круг. Дури и со легендарниот Глигоров не можевме да го постигнеме тоа. ‘Како да го сторам јас?’, праша Заев, на што Ципрас му одговорил: ‘Тоа е твоја надлежност, јас само прашав’“ ,
открива претседателот детали од првата средба Заев-Ципрас.
Говорејќи за Договорот од Преспа, посочува дека отпорот и во двете земји бил огромен и сè уште постои во одредени делови на општеството, истакнувајќи дека за Северна Македонија беше особено тешко бидејќи требаше да се промени името и Уставот, нешто што не беше случај со Грција.
На прашањето што би се случило во Северна Македонија, доколку има промена на власта и дали би се почитувал Договорот од Преспа, претседателот вели дека за ова може само да се претпоставува, но и истакнува дека не му е особено драго што опозицијата кај нас сè уште е против Договорот од Преспа.
„Она што би го очекувал од опозициските партии е да речат, во ред, не го потпишавме договорот, како што стори и Мицотакис во Грција, но кога ќе дојдеме на власт, бидејќи сме сериозни политичари на сериозна демократија, ќе има континуитет. Континуитетот на државната политика треба да биде карактеристика на секоја сериозна држава. Таква реторика, таква порака, би сакал да слушнам од опозицијата. Можеби не се чувствуваат подготвени да го кажат тоа бидејќи се во опозиција. Моето чувство е дека ако денешната опозиција дојде на власт, ќе го почитува Договорот од Преспа. Но, ова е само претпоставка, бидејќи не можам да замислам дека би отстапиле од перспективата за членство во НАТО и ЕУ“,
објаснува Пендаровски.

За тоа до каде е спроведувањето на Договорот, претседателот Пендаровски во интервјуто за Катиимерини вели дека пред патувањето за Грција, од нашето МНР побарал извештај за нашиот дел од обврските и истакнува дека 99,9 отсто веќе се имплементирани.
„Можам да ви кажам дека во разговорите овде, кога прашав за грчките обврски, соработката во областа на полицијата итн, ништо чувствително, премиерот рече дека не сака да ‘ги чепка раните’ и дека политичките околности во овој момент во Грција не се погодни за таков вид работи. Реков дека не сум во позиција да ве притискам, но целосно ја разбирам вашата позиција“,
вели претседателот.