Во Кривичниот суд во Скопје денеска е закажано ново рочиште за случајот „Рекет“. На последното рочиште за овој предмет беа презентирани пораки на обвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13 со други лица, меѓу кои имаше и комуникација со поранешниот премиер Зоран Заев.
Исто така, од страна на обвинителката Ирена Трајчевска се презентира и фотографии и кратки видеа од кои најголемо внимание предизвикаа оние на кои се гледа Катица Јанева како седи во нејзината дневна соба, а на масата пред неа има снопчиња со банкноти од 500 евра. Според обвинителството, станува збор за 50 000 евра.
На денешното рочиште, пак, треба да се презентираат нови материјални докази, па се очекува во судница да се пуштат снимки кои Орце Камчев и Зоран Милески-Кичеец ги предале во обвинителството.
Се очекува обвинителството да заврши со презентација на своите докази, а веќе од наредната недела во судница да се повикуваат сведоци предложени од одбраната.
Случајот „Рекет“ го води судечки совет предводен од судијката Васка Николовска-Масевска.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври лани го поднесе обвинението за овој предмет против Бојан Јовановски-Боки 13, Катица Јанева и Зоран Милески – Кичеец, кој призна вина и доби три години затвор.