Процентот на хоспитализирани лица што се невакцинирани изнесува 81%, додека само 19% од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани
Според анализата на Министерството за здравство направена за период од 6 август до 7 октомври, од вкупно 38 019 граѓанин кои биле позитивни на ковид-19, 24% биле целосно вакцинирани, односно 9 163 лица, а 76% односно 28 856 граѓани не биле вакцинирани.
„Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 81%, додека само 19% од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата“,
велат од Министерството за здравство.
Во истиот период од два месеца, според податоците, починале 1 277 пациенти со ковид-19, од кои 1 070 или 84% не биле вакцинирани, а 16% односно 207 примиле вакцина. За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.
Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас.
„Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2“,
велат од Министерството.