Набрзо ќе може и изводите од кривична евиденција да се добиваат во дигитална форма, а се работи и на трета услуга, односно дигитално издавање уверение дека против некое лице не е изречена санкција – забрана за вршење професија, дејност или должност
Тоа е доказ дека нема сторено кривично дело, не се води кривична постапка, а ваква потврда е потребна доколку некој сака да се јави на тендер, а поголем број странски компании во земјата бараат вакви изводи при вработување
Преку националниот портал за услуги uslugi.gov.mk, од денеска граѓаните за само неколку минути ќе можат да добијат уверение од казнена евиденција.
„Начинот е брз, процедурата едноставна и сигурна, со што на граѓаните им се заштедува време, пари и нерви“,
рекоа денеска премиерот Зоран Заев, министерот за правда Бојан Маричиќ и претседателот на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев, на денешната прес-конференција за дигитализација на е-услуга – уверение од казнена евиденција.
Набрзо тоа ќе може да се направи и за изводите од кривична евиденција, а се работи и на трета услуга, односно дигитално издавање уверение дека против некое лице не е изречена санкција – забрана за вршење професија, дејност или должност.

Сите овие уверенија и потврди на граѓаните им се потребни за вработување, доколку сакаат да добијат виза или работа во странство. Со други зборови, тоа е доказ дека нема сторено кривично дело, не се води кривична постапка. Дополнително, доколку некое лице сака да се јави на тендер, ќе мора да има ваква потврда, а и поголем број странски компании во земјата бараат вакви изводи при вработување.
„Овие потврди се првите електронски документи создадени согласно Закон кој ќе ги издава судската власт. Со оваа активност судот започнува да ја применува регулативата на ЕУ, односно нејзината национална транспозиција со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги и со тоа се приклучи во практичната примена на Националната платформа за интероперабилност“,
рече Заев.
Освен што со воведувањето на овие услуги судовите ќе направат заштеди изразени во милиони евра кои ќе можат да ги инвестираат тие нивни сопствени пари во генерално подобрување на нивната работа, дигитализацијата на правосудниот систем ќе го минимизира човечкиот фактор во дел од процесите и процесните дејствија и во пракса нема да има повеќе случаи од преку три илјади недостапни пресуди до странки и максимално ќе се елиминираат изговорите за застареност за гонење, додаде Заев.
Министерот Маричиќ, пак, смета дека ова генерално придонесува и за сузбивање на корупцијата.
„Колку повеќе процесите се дигитализирани толку се помали шансите за човечко влијание“,
рече Маричиќ и ги посочи компаративните анализи во светот.
Судијата Нанев појасни дека дигиталните услуги за издавање на уверенија од казнената евиденција се однесуваат во овој момент на физичките, а во активност е имплементирање и за правните лица и ги опфаќаат сите основни судови кои постапуваат по кривичните и прекршочните предмети.

Услугата, истакна Нанев, овозможува електронско поднесување на барањето, електронско плаќање преку платежната картичка и електронско добивање на потврдата, односно уверението во ПДФ-формат со бар код, односно сертификат што подразбира поврзување на документот со електронскиот потпис и електронскиот печат којшто е издавач на документот со којшто се потврдува идентификацијата и веродостојноста на документот.
Веродостојноста и доказната вредност односно доказната сила на самиот документ се утврдува со скенирање на бар-кодот со мобилниот телефон „андроид“ или „ајфон“, кој упатува на издавачот на услугата.
Граѓаните што не користат дигитални алатки, во овој момент ќе можат да дојдат до ваков документ со физички пристап, кој ќе им биде овозможен во овој преоден период.

Анализата покажала дека ваквата услуга обезбедува ефикасен пристап до правдата, при што штеди ресурси, време и ги намалува трошоците. На пример, судовите на годишно ниво со физички пристап на корисниците односно на граѓаните издаваат повеќе од 100 илјади потврди, односно уверенија, а реално потрошеното време просечно изнесува од 10 до 20 минути по дадената услуга, судовите трошат само за оваа услуга 58 до 60 дена во текот на една година или дневно три до четири часа само за оваа услуга, а секој барател по неколку часа дневно. А доколку се однесува со место на раѓање во друг град од местото на живеење и цел ден. Со користење на оваа алатка која што ја промовираме потрошеното време нема да биде повеќе од 10 минути.
Ова обезбедува и заштита на повеќе од 30 пакети хартија, повеќе од 100 тонери, односно изразено во финансиски средства повеќе од еден милион евра на годишно ниво, што ќе претставува значителна финансиска инјекција за самите судови.
Дигиталната услуга е обезбедена со заедничка координација на Советот на ИКТ, Врховниот суд, Судскиот совет, Министерството за правда и МИОА и со целосна поддршка на сите 26 суда.


На крајот на прес-конференцијата практично беше покажано како изгледа процесот за добивање на извод од казнена евиденција и колку целата постапка е едноставна.