Секој ден следиме што се случува и ако има големи ценовни шокови веднаш ќе постапиме како Министерство за економија и ќе донесеме одлуки за замрзнување на цените, вели министерот за економија
Не е доцна да се замрзнат цените на основните производи, доколку е потребно, вели министерот за економија Крешник Бектеши и додава не се точни предвидувањата дека до крајот на годинава тие ќе поскапат за околу 50 проценти.
„Будно ја следиме ситуацијата и во зависност од тоа како ќе се движат цените на суровините и репроматеријалите во делот на увозот и производството на производите кај нас ако има ценовни шокови веднаш ќе постапиме повикувајќи се на Законот за трговија и за големопродажба и за малопродажба како што веќе направивме претходната година кога не дозволивме енормно зголемување на цените“,
рече Бектеши во одговор на прашање по денешното потпишување меморандум за соработка со Националната платформа за женско претприемништво.
Тој нагласи дека тоа особено ќе се однесува за цените на основните производи согласно потрошувачката кошница.
„Ќе видиме дали ќе има зголемување на цените на тие производи. Секој ден следиме што се случува и ако има големи ценовни шокови веднаш ќе постапиме како Министерство за економија и ќе донесеме одлуки за замрзнување на цените. Не се зборува за нивно зголемување за 50 отсто и доколку се случи такво нешто секако дека ние директно ќе интервенираме“,
рече Бектеши и потсети дека такви одлуки веќе беа донесени за време на пандемијата со ковид-19.
Најави дека во одреден момент во консултација со стопанските комори доколку се случи некаков ценовен шок веднаш ќе се интервенира.