Во Скопје од петокот е затворен пунктот за вакцинација во салата „Борис Трајковски“, а функционираат пунктовите во седумте поликлиники
Анализите што ги сподели министерот за здравство покажуваат дека 77 отсто од новозаразените и 79 отсто од хоспитализираните се невакцинирани
Во Вевчани дури 72 отсто од жителите се вакцинирани, а на дното на листата под 30 проценти се Липково, Македонска Каменица и Ново Село
Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција оцени дека ситуацијата со епидемијата со ковид-19 е стабилна бидејќи континуирано повеќе денови има ист број нови случаи – помеѓу 450 и 500.
Како добар податок го наведе и тоа што опаѓа бројот на хоспитализирани.
Ситуацијата е мошне стабилна во смисла на тоа што има едно плато, повеќе денови континуирано скоро идентичен број новодијагностицирани случаи, помеѓу 450 и 500.
„Бројот на хоспитализирани пациенти се намалува насекаде низ државата. Во болниците ширум државата, во клиничките болници и општите болници, пациентите се сместени само во инфективните одделенија. Многу мал број, во Кичево и Тетово имаме по пет пациенти, десет во Охрид, во Прилеп има 17, Струга 15, Кавадарци шест. Во Скопје Клиниката за оторинологија и болницата во Козле се враќаат во нормална работа, таму веќе се празнат капацитетите и нема да се сместуваат повеќе пациенти“,
рече министерот.
Пациентите со ковид во главниот град ќе се сместуваат само на Инфективната клиника и на двете одделенија во приземјето на старата Интерна клиника. Тренд на намалување на хоспитализацијата во главниот град покажува бројката од 700 пациенти во болниците изминатите денови се движел кон 650, а денеска изнесува 580.
Имајќи ја предвид ваквата состојба, здравствените власти засега не планираат нови рестриктивни мерки поради тоа што сегашниот број на пациенти не ги оптоварува болниците.
77 отсто од новозаразените и 79 од хоспитализираните се невакцинирани
Зборувајќи за новодијагностицираните случаи и хоспитализацијата, тој нагласи дека близу 80 отсто од хоспитализираните се невакцинирани.
„Анализата на бројот на позитивни случаи, хоспитализирани и смртни уште еднаш ја потврдува ефикасноста на вакцината. Околу 77 проценти од новите случаи и 79 од хоспитализираните се невакцинирани. Дури 85 проценти во последната анализа за септември се невакцинирани“,
рече Филипче.
Тој апелираше граѓаните да се вакцинираат, а вакцини рече дека има доволно: околу 260 000 од „Фајзер“, 45 000 од „Синовак“, 100 000 „Астра Зенека“.
Во Скопје, како што информираше, од петокот е затворен пунктот во салата „Борис Трајковски“, а функционираат пунктовите во седумте поликлиники: „Букурешт“, „Јане Сандански“, „Чаир“, „Ѓорче Петров“, „Драчево“, „Ченто“ и „Шуто Оризари“.
Вевчани со дури 72 отсто вакцинирани жители
Во однос на вакцинацијата, министерот информираше дека досега во земјава вакцина примиле околу 789 000 граѓани, од кои околу 734 000 се ревакцинирани. Тоа значи дека 47 отсто од полнолетната популација примиле најмалку една доза, додека ако се земе предвид целокупното население тогаш процентот на вакцинирани изнесува 38,2 отсто.
„Има големи разлики од општина во општина. Најмногу вакцинирани со две дози полнолетни граѓани има во Вевчани 72 отсто, над 60 проценти во Гевгелија, Демир Капија, Кавадарци, Неготино и Охрид, над 55 проценти во Росоман, Ресен, Дојран, Дебарца, Богданци, Битола и Берово. И под 30 проценти,каде е низок опфатот, се Липково, Македонска Каменица и Ново Село“,
рече Филипче.