Овој процес ќе започне оваа недела, односно најдоцна на почетокот на следната, а откако ќе се добие согласност од родителите, здравствените власти очекуваат дека ќе започнат со тестирање на учениците веќе во текот на следната недела

Почнуваат подготовките за скринингот во училиштата во земјава за да се направи пресек за ситуацијата со ковид-19. Откако здравствените власти пред десетина дена го најавија, денеска објавија и детали, според кои, скринингот ќе опфати 8 200 ученици од прво до петто, од шесто до деветто одделение, како и од средните училишта. Планирано е скрининот да трае пет дена и дневно да се тестираат по околу 1 600 деца, во самите училишта каде што мобилни екипи ќе одат на терен и ќе го вршат тестирањето за време на часовите.
Децата што ќе се тестираат ќе се избираат по случаен избор, а претходно ќе се бара согласност и од родителите.
„Оваа недела заедно со МОН ќе бараме писмена согласност од родителите, онаму каде што нема да добиеме ќе се најде замена на тој ученик. Важно е со овој пресек да направиме еден репрезентативен примерок кој ќе ни укаже дали евентуално ќе наидеме на некои случаи кои значат асимптоматски носители на вирусот кај децата. Ќе се избираат учениците по случаен избор од регистарот на е-дневник и така ќе се пристапи кон барање за согласност од родителите“,
изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој не очекува отпор од родителите.
Овој процес, според најавите, ќе започне оваа недела односно најдоцна на почетокот на следната, а откако ќе се добие согласност од родителите, здравствените власти очекуваат дека ќе започнат со тестирање на учениците веќе во текот на следната недела.
Децата од посебните училишта и училиштата каде што просечниот број на ученици во одделение е помал од 10 деца ќе бидат исклучени од овој процес од причина што станува збор за помали рурални места каде што учат многу мал процент од сите ученици и во места каде што инциденцата на вирусот е многу ниска.