Министерката за труд и социјална политика во техничката влада, Рашела Мизрахи, во моментов одржува прес-конференција во Министерството пред паното на кое е испишано поранешното уставно име Република Македонија.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров во неделата го повика премиерот Оливер Спасовски да му предложи на Собранието да ја разреши Мизрахи од министерската функција ако таа не почне да го почитува Уставот. Мизрахи тогаш одговори дека обвинувањата од Димитров биле смешни и самата оцени дека не прави кривично дело.
За непридржувањето кон Уставот реагирала и Грција со протестна нота до Министерството за надворешни работи, во која се укажува на серија прекршувања на Договорот од Преспа и на Уставот, не само од Мизрахи туку и од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
Премиерот на техничката влада Оливер Спасовски најави дека ќе разговара со министерката Рашела Мизрахи во врска со таблата со поранешното уставно име на државата за да се запознае со фактичката состојба и „ако увиди дека партиските интереси се ставаат пред државните ќе преземе мерки“.