Донацијата ќе биде од 250 000 вакцини и тие се со важност до 2023 година
Во земјава наредниот период треба да пристигне и вакцината против ковид-19 од производителот „Џонсон и Џонсон“. Таа, според најавата од министерот за здравство Венко Филипче, ќе биде донација од Данска.
„Очекуваме овие денови и официјално Данска да ја објави донацијата од 250 000 вакцини од производителот „Џонсон“. Тоа е вакцина која има рок до 2023 година и ни помага да ги планираме количините вакцини за следната година“,
изјави Филипче.
Вчера пристигнаа околу 100 000 вакцини од „Фајзер“, а во моментов министерот смета дека имаме доволно количини и располагаме со: околу 250 000 дози „Фајзер“, 50 000 „Синовак“ и околу 100 000 дози „Астра Зенека“.
Денеска Филипче и објави дека Комитетот за имунизација по вчерашните состаноци и дискусии донел препорака и за трета доза вакцина од производителот „Фајзер“ за следните групи: сите граѓани над 60 годишна возраст; сите здравствени работници без разлика на возраста; сите пациенти што имаат имунокомпромитирана состојба без разлика на возраста.
Според препораката, таа треба да се прими најмалку шест месеци по вакцинирањето со втората доза, а граѓаните ќе добиваат СМС пораки со известување дека може да земат и трета доза.