Со оглед на тоа што најголемите партии настапуваат во сојузи едни наспроти други, а освен тоа има 12 кандидати за градоначалник, прашање е дали битката за Скопје може да заврши и овој пат во првиот круг

Можеби рекордна бројка од 12 кандидати ќе учествуваат во битката за градоначалник на Скопје на претстојните локални избори, наспроти осум претенденти за „градски татко“ на претходните избори во 2017 година. Тогаш кандидатот на СДСМ, Петре Шилегов, го доби првиот мандат дисквалификувајќи ги уште во првиот круг седумте противкандидати, меѓу кои беше и дотогашниот градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски.
На овие избори Шилегов, кој се бори за втор мандат, е единствениот кандидат кој веќе има искуство како учесник во градоначалничката трка. На другите 11 учесници ова им е прв обид до дојдат до градоначалничката функција, а дел од нив се и релативно непознати за јавноста, како што има и лица кои се препознатливи од други области од општествениот живот, а не толку од политиката.
Кои се кандидатите за Скопје на овие избори
Перо Георгиевски – Левица
Мунир Колашинац – Бошњачки демократски сојуз
Петре Шилегов – СДСМ
Љубомир Јосифовски – Политичка партија демократи
Славе Несторовски – ТМОРО
Даниела Арсовска – независна кандидатка, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ
Горан Арсовски – Комунистичка партија
Владимир Трајковски – Родина Македонија
Тодор Ношпал – Интегра
Александар Тортевски – Твоја партија
Арбен Шаќири – Движење одлучно за промени (ДОМ/ЛДП)
Ана Петровска – независна кандидатка
Кандидатите за градоначалници во 2017 година
Беким Фазлиу – ДПА , на 15 октомври 2017 година освои 0,51% од гласовите
Ванчо Шехтански – ТМРО – 0,52%
Ѓорги Тодоров – НДМ – 0,34%
Коце Трајановски – ВМРО-ДПМНЕ – 36,18%
Марија Јонес -Левица – 1,75%
Наим Бајрами – Алијанса за Албаниците – 2,17%
Нафие Селмани – Беса – 4,11%
Петре Шилегов – СДСМ – 50,32%
Партиите од „албанскиот блок“ без кандидати за Скопје
Како што може да се забележи, на овие избори ниту една партија од т.н. албански блок нема свој кандидат за градоначалник на Скопје. Со оглед на договорите што ги постигнаа најголемите партии од власта и од опозицијата за соработка на овие избори, кандидатот на СДСМ очекува поддршка од ДУИ, Беса и од ДПА, како коалициски партнери на централно ниво, додека кандидатката што ја поддржува ВМРО-ДПМНЕ веќе доби поддршка од опозициската коалиција Алијанса/Алтернатива.
Наспроти тоа, Шилегов во 2017 година настапуваше како заеднички кандидат на СДСМ и на ДУИ, додека неговиот тогашен противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ немаше логистика од партии на Албанците. Окрупнувањето на гласовите за СДСМ и за ДУИ на едно конто му овозможи победа на Шилегов уште во првиот круг, и покрај тоа што имаше дури седум кандидати. Сега, со оглед на тоа што најголемите партии настапуваат во сојузи едни наспроти други, а освен тоа има 12 кандидати за градоначалник, прашање е дали битката за Скопје може да заврши и овој пат во првиот круг.