На средбата беше заклучено дека местото на Западен Балкан е во ЕУ и дека новата американска администрација сака што поскоро да ја види Република Северна Македонија во преговарачкиот процес со Унијата
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска при официјалната посета во Стејт департментот се сретна со новиот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
„На средбата беше заклучено дека местото на Западен Балкан е во ЕУ и дека новата американска администрација сака што поскоро да ја види Република Северна Македонија во преговарачкиот процес со Унијата“,
соопштија од Министерството за одбрана.

Шекеринска во Стејт департментот оствари средба и со првиот човек на Бирото за политички и одбранбени прашања Тимоти Алан Бејтс, на која беше реафирмирана американската позиција за стабилен и просперитетен регион и решавање на прашањата кои ги попречуваат мирот и стабилноста.

„Министерката Шекеринска нагласи дека нашата држава како членка на НАТО ја прифаќа одговорноста да придонесува во безбедноста на Балканот и дека учествува во повеќе регионални иницијативи како и во мисијата КФОР во Косово“,
се додава во соопштението.

Во рамките на првиот ден од работната посета на САД, министерката се сретна и со Хајди Грант, директорка на Агенцијата за безбедносно-одбранбено соработка во Пентагон. На средбата стана збор за тековните проекти за модернизација на Армијата.
Министерката во Вашингтон го посети и Националниот меморијален центар „Арлингтон“ при што положи цвеќе на Гробот на незнајниот војник.