Двајцата бегалци, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се наоѓаат во Косово, во првото судење добија доживотни казни затвор. Истите казни ги добија и со првостепената пресуда во повторениот судски процес, донесена во февруари годинава
Одговарајќи на новинарско прашање дали и кога Косово планира да ги испорача двајцата осуденици на доживотен затвор во случајот „Монструм“, косовскиот премиер Албин Курти не даде конкретен одговор и порача дека министрите за правда редовно контактираат, но и дека има предмети кои, по негово убедување, не се разјаснети до крај.
„Министрите за правда на нашите влади се во директен, редовен контакт. Од минатото знаеме дека наследивме трагични случаи и тешки предмети кои имаа тешки процеси, но има и други предмети кои, според мое убедување, не се разјаснети до крај и за кои сè уште ја немаме целосната вистина. Со премиерот Заев разговаравме дека имаме потреба не само за поддршка туку и за меѓународна помош за да има правда и за двете земји, но и за жртвите“,
рече Курти.
Косовски власти со години не ги екстрадираат Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои веќе еднаш беа осудени на доживотен затвор за тероризам, а истата казна ја добија и со првостепената пресуда во повтореното судење откако највисокиот суд ја укина пресудата и го врати предметот.
Случајот „Монструм“ се однесува на петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, во пресрет на Велигден, кога живото го загубија четири момчиња од македонска националност на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и 45-годишниот рибар Борче Стевковски од селото Црешево.
Во првиот судски процес шестмина обвинети (Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Хаки и Фејзи Азири и Сами Љута) се гонеа за тероризам и добија доживотни затворски казни. Меѓутоа, кога предметот стигна пред Врховниот суд, тогашната в.д. републичка обвинителка Лилјана Спасовска се согласи жалбите на обвинетите да се усвојат и случајот да се врати на повторно одлучување за утврдување на фактичката состојба. Во ноември 2017 година таква одлука донесе и Врховниот суд, а во повторениот судски процес обвинението го застапуваа обвинителите од СЈО, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
Во повтореното судење обвинителството остана на барањето Алил Демири и браќата Африм и Агим Исмаиловиќ да добијат доживотен затвор за делото тероризам, додека за Фејзи и Хаки Азири побара помали казни за помагање, а се откажа од гонење на Сами Љута поради немање докази.
Основниот кривичен суд Скопје првостепената пресуда, ја донесе на 23 февруари годинава со која ги осуди: на доживотен затвор по Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ; 15 години затвор за Фејзи Азири; 9 години за Хаки Азири; и ослободителна пресуда за Сами Љута.