Имајќи ги предвид неодамнешните состојби со пожарите, работната група треба да предложи конкретни мерки, со цел системот за да биде пофункционален и поефикасен, информираат од претседателскиот кабинет
Да се формира работна група која ќе ја согледа состојбата со системот за управување со кризи, е еден од предлозите што произлегоа од денешниот состанок на Советот за безбедност, на кој се разгледувала и ситуацијата по прифаќањето цивили од Авганистан.




„Советот за безбедност и предложи на Владата, во најкус можен рок, да се формира работна група, која ќе ја согледа состојбата со системот за управување со кризи. Имајќи ги предвид неодамнешните состојби со пожарите, работната група треба да предложи конкретни мерки со цел системот за управување со кризи да биде пофункционален и поефикасен,“
соопштија од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
Во однос на точката за лицата од Авганистан прифатени на наша територија, членовите на Советот за безбедност, како што се соопштува, констатирале дека Северна Македонија, како членка на НАТО, покажа подготвеност и ги понуди своите капацитети за прифаќање на лицата од Авганистан.
„Надлежните министри и претставниците на институциите информираа за досегашните активности за згрижувањето на прифатените лица од Авганистан, за кои се направени сите неопходни безбедносни проверки и за кои се изработени безбедносните протоколи за нивен престој во државата“,
се посочува во соопштението од состанокот.
На 13. седница на Советот за безбедност, покрај постојаните членови, на покана на Пендаровски, присуствувале и директорите на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути и националниот координатор за имплементација на Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи, Зоран Петров.