„360 степени“ ги посети регионите погодени од најголемите пожари ова лето – глетката е стравотна, а стравотни се и приказните на неколку домаќинства кои изгубиле речиси сè, од домовите до малите семејни бизниси
Финансискиот и материјалниот дел ќе го надоместиме, но другиот дел од штетата е значително тешко да се надомести, вели директорката на ЈП „Национални шуми“, Јулиана Николова
Растение што е речиси искоренето – пијанец. Исто име има и овој регион во Делчевско кој, според изгорената површина, настрада најмногу во пожарите што летово ја зафатија Северна Македонија.
На јагленисаните падини на планините во Пијанечкиот Регион е селото Нов Истевник, за кое многумина првпат слушнаа кога „здивеа“ пожарите. Месноста Мокра Ливада, на која се наоѓа имотот на семејството Никовски, била под опсада со денови.
„Огнот патуваше кон нашите згради и нашиот имот, без пат, да се движи по земја, гореше воздушен простор. И така дојде ред да нè зафати – објекти, куќи. Седум-осум објекти, две куќи изгореа кои беа навистина богати со храна, со други млечни производи, со сирење, фрижидери наполнети со храна. Цело лето, цела година што собиравме храна, беше во овие куќи тука“,
вели Славе Никовски, жител на Нов Истевник, Општина Делчево.
Никовски спасиле една од трите куќи на поширокото семејство, а и од помошните објекти останале само тулите. Изгореле – фармите со свињи, крави, овци, дел од пчеларникот… Велат дека имале сточна храна со тони и голема количина производи за продажба, како млеко, сирење, месо и мед. Животните што ги спасиле сега се пуштени на отворено – спијат каде што ќе стигнат и јадат што ќе најдат. Имотот не бил осигуран.
„Јас имам поднесено документи и до локалната самоуправа, имам поднесено и до МВР. Од МВР беа пред 36 часа на лице место. И тие како вас сликаа, документи не ни дадоа, рекоа дека дополнителна проценка на штети ќе имало. Објектите во каква состојба се наоѓаат, ништо да не чепкаме ние. Дали ќе дојдат или не – оставаме на нив“,
додава Никовски.
Од Општина Делчево потврдуваат дека процедурите се отпочнати.
„Ние веќе имаме формирано комисија. Во неа членуваат пет луѓе. Се повикува овластен проценител којшто врши проценка на штетите на сите имоти на луѓето, дали тоа се однесува на шумскиот фонд, на овоштарници, на куќи, на помошни објекти. Имаме досега поднесено до Општина Делчево 116 барања за обесштетување“,
рече Горан Трајковски, градоначалник на Општина Делчево.
Општина Делчево има околу 28 илјади хектари шума, а летово изгореа речиси 2 300. Тоа се околу осум проценти од тамошниот шумски фонд. Изгорени се 231 300 кубни метри дрвна маса, чија вредност се проценува на околу 8 и пол милиони евра.
„Секако, ова мора да се санира. Настаната е огромна штета. Која и за Делчево, и за Пехчево, и за Берово, целиот шумски пожар што се случи, тоа се белите дробови на овие три помали гратчиња и мора, ние како генерација, тоа да го санираме“,
додава Трајковски.
„Трогателна“ и „застрашувачка“ се зборови со кои само делумно може да се опише глетката од двете страни на патот Делчево – Пехчево, делница по која, пред овој август, беше уживање да се помине со возило или велосипед.
Во соседните Беровско и Пехчевско изгореа речиси 2 400 хектари или 180 000 кубни метри дрвна маса. Од „Национални шуми“ проценуваат дека штетата е над 15 милиони и 200 илјади евра.
Со тим на беровската подружница на Национални шуми „Малешево“ бевме во извидница на опожарената борова шума над Будинарци – селото што го спасуваа многубројни домашни екипи поддржани од пожарникари од Австрија и од Словенија.
„После пожарот се пристапува, нормално, сега ова треба да се исече. Дел од дрвната маса гледаме дека може да се употреби. Најверојатно цената ќе биде намалена зашто не може да оди опожарена дрвна маса со редовна дрвна маса. Потоа се пристапува кон пошумување. Гледате овде дека повеќе е црн бор зашто одговара надморската височина, некаде околу 800 – 900 метри, можеби илјада. Мислам ние за три – четири години тоа да го санираме“,
вели Владо Клинчарски, раководител на ЈП „Национални шуми“ подружница „Малешево“ – Берово.
Покрај „Национални шуми“, штети имаат и сопствениците на приватни шуми. Од нивното здружение велат дека се работи за голема економска и еколошка штета зашто шумите се основа за развој на Малешевијата и од индустриски и од туристички аспект.
„Одредени подрачја каде што има море, тоа е бенефит и од Бога дадено богатство. Е кај нас тоа се шумите. Ако дојде ред на овој или оној начин да ги снема, што од пожари што од илегална сеча итн., си ја сечеме гранката на која седиме“,
смета Војо Соколовски, претседател на Здружение на сопственици на приватни шуми.
Во Кумановско најмногу настрадаа шумите во Општина Старо Нагоричане. Во целиот регион горело на 124 хектари, при што е опожарена дрвна маса од околу 10 илјади кубни метри. Штетата се проценува на еден милион и двесте илјади евра.
Атарот на селото Степанце, поточно месноста викана Тополче е пошумена со бор пред повеќе од 50 години. За многумина токму ова беше најубавата борова шума во регионот. Но, од неа сега останаа само јагленисани стебла.
Русе Кипријаноски е шумочувар на овој предел повеќе од две децении. Се потсетува на сликата од пожарот чиј пламен се издигнувал над 50 метри во височина. Иако е долг процес, вели, мора да се планира обновување.
„За обновувањето ќе мора да се направи гола сеча. На нула да се исчисти. Ова е опожарено. Нема никакви теоретски шанси повеќе природно да се пошуми самото. Ќе мора вештачки да оди со садници. Зашто гледам дека и климатскиве услови – сѐ повеќе и повеќе горештини. Најмалку 50 години ќе му треба“,
рече Русе Кипријаноски, шумочувар во ЈП „Национални шуми“ подружница „Куманово“.
Теренот го извидуваа заедно со раководителот на кумановската подружница на „Национални шуми“, Љуан Бајрами. Тој вели дека веќе е формирана комисија од стручни лица што ќе ги одреди следните чекори.
„Шумарски инженери кои ќе излегуваат на терен, ќе увидат каква е ситуацијата и ќе донесат одлуки со какви садници, чистење на шумата, а ќе треба да се предвидат и средствата со кои сето тоа ќе се направи“,
вели Љуан Бајрами, реководител на ЈП „Национални шуми“ подружница „Куманово“.
Пожарите зафатија приватни имоти и во Кумановско, а уништија и семејни бизниси. Ова се домот и фармата на Ивица Петровиќ во близина на селото Четирце.
„Додека јас да дојдам одоздола каде што гасев со неколку луѓе од селото, додека да дојдам огнот ја зафати мојата штала. Горе на вториот спрат 420 бали детелина прва класа. Една бала детелина е во просек пет евра. Јас доаѓам до шталата за да влезам во неа, тука беа жена ми и ќерка ми, готово, кравите рикаат, плачат исто како јагниња да блеат. Не можев веќе да влезам. Готово, крај. Почна вториот спрат, талпи, даски, греди да се палат и да паѓаат долу врз кравите, врз стоката, врз свињите, врз прасињата“,
раскажува Ивица Петровиќ, жител на село Четирце, Општина Куманово.
Огнот, за среќа, не го зафатил сеното меѓу фармата и семејната куќа во која живее со сопругата и двете деца, па домот е спасен.
„Веќе нема од што да живееме, готово, крај. Немаме ништо. Тоа ни беше егзистенција. Земавме по некој денар од месец за месец. Да школуваш деца. Беше еден среќен живот, добар живот. Но, сега на нула“,
додава Петровиќ.
И имотот на Петровиќ не е осигурен, а надлежните најавиле дека допрва ќе прават проценка на штетата.
Од Јавното претпријатие „Национални шуми“ велат дека до средината на август годинава регистрирани се 135 шумски пожари на околу 10 илјади хектари. Тоа се речиси 450 000 кубни метри опожарена дрвна маса. Штетата се проценува на околу 31 милион евра.
Претпријатието има законски рок од две години да направи санација на теренот што подразбира чистење и пошумување.
„За штетата ние ќе доставиме комплетен извештај до Владата. Владата ќе го разгледа, ќе донесе свои заклучоци и ќе утврдиме на кој начин ќе се надомести таа одредена штета што настанала со пожарите. Секако останува опожарената дрвна маса. Таа дрвна маса секако ќе оди, при чистење на теренот мора да се елиминира и, доколку е во одредена состојба, да се продаде. Ќе се најдат начини сето тоа да се надомести. Притоа, има и други начини на финансирање според проста и проширена репродукција, дел државата го надоместува тој дел, така што има модел. Уште еднаш би кажала дека финансискиот и материјалниот дел ќе го надоместиме. Другиот дел од штетата е значително тешко да се надомести“,
вели Јулиана Николова, директорка на ЈП „Национални шуми“.
На жител на делчевско Нов Истевник локалните власти веќе му градат нов дом зашто зимата би ја дочекал на отворено. Куќата што ја проголтал огнот била сѐ што има. Ова е прв светол пример засега. За следните, ќе треба да завршат бирократските процедури.