Зад остатоците од објектот на модуларната болница која изгоре на 8 септемви, беше положено цвеќе и венци, а беше оддадена почит со минута молк
Во Тетово денеска беше одржан граѓански марш во знак на почит кон 14-те жртви во пожарот во модуларната-ковид болница на 8 септември. Пред тргнувањето на маршот од градскиот плоштад до изгорената модуларна болница, симболично беа засадени дрвја во знак на почит кон загинатите сограѓани.

Групата тргна од градскиот плоштад и се движеше преку булеварот „Илинденска“ се до улицата „29 Ноември“, по што се доближи до новиот пристапен пат кој води позади модуларната болница . Таму беше положено цвеќе и венци, а беше оддадена почит со минута молк. Беа поставени и неколку транспаренти со натписите: „Жив сум – протестирам“ и „Човечкиот живот има вредност“.
„Ние сме навивачи, ова не е протест, не е политички мотивиран, туку само мирен марш за почит кон загинатите во пожарот“,
изјави Башким Идризи од навивачката група „Балисти“ кои ја покренаа иницијативата за маршот преку социјалните мрежи.
На маршот се придружија голем број граѓани на Тетово.