Шефот на државата се осврна на историскиот тек до создавање независна и самостојна држава и рече дека на денешното празнување треба да се потсетиме дека независноста не ни е подарена од никого, туку е дело на многу генерации водени од идеалот за слободна и своја држава
Прашањата зошто денес имаме 450 евра просечна плата, а не 1 000 се апсолутно легитимни и не треба да бегаме од фактот дека потешкотиите го проблематизираат ефектот од владеењето на сите политички елити од независноста до денес, меѓутоа, тоа, на ниеден начин, не ја поткопува идејата, не го негира историскиот императив за независна, слободна и конечно, и најважно, наша, сопствена држава, рече Пендаровски
Кога еден народ создава своја држава, тогаш секој поединец доаѓа до сознанието дека неговата судбина и иднина, неговиот развој и напредок се нераскинливо поврзани со судбината и иднината на државата што ја создал. Како што државата е одговорна за своите граѓани, така и секој еден од нас е одговорен за државата, затоа што од нас самите зависи нејзиниот опстанок и нејзините перспективи, рече претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање по повод Денот на независноста.
Пендаровски се осврна на историскиот тек до создавање независна и самостојна држава и рече дека на денешното празнување треба да се потсетиме дека независноста не ни е подарена од никого, туку е дело на многу генерации водени од идеалот за слободна и своја држава.
„Во целиот тој историски континуитет на трите Илиндени, први се вклучија илинденците кои се бореа за слободата наспроти смртта, партизаните кои се изборија за државност наспроти окупација и огромното мнозинство граѓани кои пред 30 години се изјаснија за независност. Не беше случајно тоа што илинденците, како Брашнаров и Влахов во 1944 беа учесници на државотворното заседание на АСНОМ, и не беше случајно што АСНОМ-ецот Глигоров во 1991 година јавно го прогласи новото поглавје на суверената и независна македонска држава“,
рече Пендаровски.
Независноста ја стекнавме, рече тој, во исклучително сложени геополитички и безбедносни околности, на крајот на студената војна и на почетокот на крвавиот распад на југословенската федерација. Во такви услови, вели Пендаровски, сите критериуми за меѓународно признавање ги исполнивме без употреба на навреди и насилство ниту кон соседите, уште помалку кон сопствените граѓани.
„Тогашното лидерство имаше тешка задача, да изгради плурални демократски институции за кои немавме претходно историско искуство, да ја трансформира економијата врз нови основи, да создаде нови општествени правила и навики за да и овозможи на државата да опстане и да се развива во новиот глобален поредок. Имајќи ги предвид делото и заслугите на првенците на таа генерација, дел од нив претходно веќе признаени, денес со орден ‘8 Септември’ ги одликував првиот парламентарен состав на Собранието на Македонија и неговиот прв претседател“,
рече Пендаровски.
Според него, мали држави не можат да опстанат во денешниот глобален свет ако се сосема сами без сојузници и додаде дека иднината на државата зависи од целосната интеграција во важните меѓународни организации.
„Уште на самите почетоци на независноста, сите релевантни политички и општествени субјекти постигнаа општ консензус околу неопходноста од членство во Северно атлантската алијанса и во Европската економска заедница. Освен што ја јакнеа меѓуетничката кохезија, евроатлантските интеграции ги помируваа и политичките противници. Интеграциските процеси беа, и сè уште се, и мотив и средство за достигнување на европските стандарди на живеење во многу области“,
додаде Пендаровски.
Тој потсети и на транзицијата на земјава и рече дека со тоа се оформи најголемата опасност, а тоа е масовното иселување на нашите граѓани.
„Во овој контекст, некои го поставуваат прашањето дали воопшто ја заслуживме независноста. Според мене, тоа е прашање од сосема поинаков категоријален статус кое не треба да го мешаме со главното. Независноста стекната во 1991 е третата и последна фаза на најголемиот национален проект во нашата историја, започнат и развиван преку двата Илиндена. Прашањата од типот, зошто денес имаме 450 евра просечна плата, а не 1 000, дали бројката на невработени и иселени мораше да биде толку висока, или за квалитетот на услугите кои државата ги испорачува на граѓаните, се апсолутно легитимни. Не треба да бегаме од фактот дека тие проблеми и потешкотии го проблематизираат ефектот од владеењето на сите политички елити од независноста до денес, меѓутоа, тоа, на ниеден начин не ја поткопува идејата, не го негира историскиот императив да имате независна, слободна и конечно, и најважно, наша, сопствена држава. Со сите свои недостатоци, власта која нашите граѓани ја избираат на слободни избори не може да биде полоша од било која власт однадвор наметната, а такви, за жал, во нашата историја имавме предолго“,
рече Пендаровски.
Тој порача дека државата треба да се гради како држава во која владеењето на правото ќе биде без алтернатива. Да се вложува во квалитетно образование, што ќе ги подготви младите да се вклучат во глобалната дигитална револуција. Да се инвестира во здравствен систем што ќе се грижи за здравјето на граѓаните, вреднувајќи го трудот на здравствените работници. Да се негува културното и историско наследство и да се вложува во новата генерација артисти кои не се подолу од врвните во светот.
„Денес, кога го празнуваме континуитетот на трите наши Илиндени, не треба да изгубиме предвид дека да се има сопствена, независна држава е голема привилегија, но и голема одговорност. Ние немаме резервна татковина. Ова е нашиот единствен, заеднички дом и тој ќе биде пристојно место за живеење само доколку секој од нас го вложува во него својот труд и својата совест. При тоа, се разбира дека одговорноста е најголема кај оние кои ја добиваат честа да ја водат општината, градот, владата или државата. Апсолутно сум убеден дека ако секој од нас се вложи за таа кауза до крај, без остаток, без калкулации, тогаш ќе имаме држава со која сите ќе се гордееме“,
рече Пендаровски.