Таа вели дека матурантите лани, за разлика од претходните години, покажале подобри резултати и се надева дека ќе има помалку употреба на недозволени активности од учениците и со државната матура да нема никакви проблеми годинава

Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека во тек се подготовките за реализацијата на државната матура и оти активностите се во завршна фаза. Според неа, останува да се организираат набљудувачите и тестаторите и да пристапат како лани на одржување на државната матура.
Таа вели дека матурантите лани, за разлика од претходните години, покажале подобри резултати и се надева дека ќе има помалку употреба на недозволени активности од учениците и со државната матура да нема никакви проблеми годинава.
Јаневска додаде дека контролите за време на полагањето на државната матура се предвидени по процедура и, како што рече, станува збор за интегритет на луѓето што ја спроведуваат.
„Јас се надевам дека од година на година тоа ќе биде сè поуспешно“, рече Јаневска.
Инаку, пред три дена Јаневска рече дека матурантите оваа година ќе полагаат три типа завршен испит – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.
Таа додава дека испитите се во согласност со Законот за средно образование.
Според неа, зависно од која област доаѓаат учениците така и ќе полагаат бидејќи постоеле разлики во општообразовните предмети за гимназиско, стручно и уметничко учење.
„Помал е обемот и бројот на часови во стручните и во уметничките училишта и овој пат материјалот што ќе го полагаат учениците ќе биде приспособен на она што тие го изучувале во текот на четири години“,
вели министерката.
Според календарот на Државниот испитен центар (ДИЦ), кој ги организира и спроведува екстерните испити, државна матура 2025/2026 гимназијалците ќе полагаат на 6 јуни, за кога е закажан тестот по англиски, француски, германски, руски и италијански јазик, како и математика или историја. На 11 јуни ќе го полагаат испитот по мајчин јазик и литература (македонски јазик и литература, албански јазик и литература, турски јазик и литература, српски јазик и литература).
Учениците што ќе полагаат државна стручна матура првиот екстерен испит ќе го полагаат исто така на 6 јуни и ќе избираат помеѓу тест за англиски јазик или тест за математика. Екстерниот испит по мајчин јазик и литература учениците од стручните училишта ќе го полагаат на 12 јуни.
Државна уметничка матура ќе се полага на 6 јуни по англиски јазик или историја и на 12 јуни – испитот по мајчин јазик и литература (македонски, албански, турски, односно српски јазик).
