Честитка од специјалниот известувач за Северна Македонија во Европскиот Парламент, Илхан Ќучук, по повод Денот на независноста
Северна Македонија стана успешен модел за мултиетничка коегзистенција и фактор на стабилност на Западен Балкан, оцени специјалниот известувач за Северна Македонија во Европскиот Парламент, Илхан Ќучук, по повод Денот на независноста.

Во честитката, тој нагласуа дека Северна Македонија има посебно место во неговото срце, за, како што вели, нејзините прекрасни луѓе со кои имав можност да се сретнам и за извонредното гостопримство во кое отсекогаш уживав во моите бројни посети.
„Знам дека постигнувањето независност на мирен начин е извор на особена гордост за сите вас, а особено сум горд што мојата земја Бугарија беше првата земја што ја призна независноста“,
вели Ќучук, додавајќи дека овој ден не само што ја означува независноста на Северна Македонија, туку покажува и колку сме постигнале од 8 септември 1991 година наваму.
„Вашата издржливост и успеси во последните три децении се од ваша сопствена одлука. Не дојдоа однадвор. Како и секоја млада демократска земја, поминавте низ тешки времиња, но денес, можете да славите поради единството и хармонијата меѓу луѓето. Северна Македонија стана успешен модел за мултиетничка коегзистенција и фактор на стабилност на Западен Балкан“,
посочува специјалниот известувач во Европскиот парламент Ќучук.
Тој во честитката по повод Денот на независноста, му оддава признание на премиерот Зоран Заев, со тоа што ги истакнува единството и меѓѓусебната почит како вредности кои се силно застапени во Владата.
„Веќе го проследивте вашиот стратешки пат со членството во НАТО и заслужено добиената покана за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија се историско достигнување и убеден сум дека ќе ја видиме Северна Македонија таму каде што припаѓа – како составен дел дел од европското семејство. Јас навистина верувам во светлата иднина на вашата земја, бидејќи успехот е во ваши раце и на помладата генерација“,
порачува Ќучук во честитката.