Министерот посочи дека треба да поминат шест месеци од ревакцинацијата за да се прими и засилувачка доза
Препораката е дека треба да поминат шест месеци од втората доза, за да започне вакцинацијата со третата – засилувачка доза. Веќе официјално е препорачана засилувачката доза за пациенти со нарушен имунолошки систем. За другите граѓани сè уште ги чекаме официјалните препораки, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Со анализите и студиите, посочи Филипче, предничи компанијата „Фајзер“, со чии претставници имале состанок и им укажале дека е голема веројатноста дека тие ќе препорачаат трета, односно засилувачка доза за сите граѓани, по шест месеци од ревакцинацијата со втората доза.
„Нашиот Комитет за имунизација ги чека токму официјалните препораки за и ние тоа, исто така, да го препорачаме. Веќе официјално е препорачана бустер-дозата за имунокомпромитираните пациенти, тие што се на хронична дијализа, меѓутоа треба да помине временски период од шест месеци. Луѓето може да се пријават“,
изјави Филипче.
За тоа дали пациентите што се на дијализа треба да се вакцинираат со истата вакцина, Филипче посочи дека вакцината на „Фајзер“ може да се користи како засилувачка доза, без разлика кои се првите две примени вакцини.