Претставници на „Фајзер“ се сотанале со министерот за здравство, Венко Филипче, каде се разговарало за резултати од клинички испитувања за тоа дали ќе биде потребна трета доза од вакцината за целосна имунизација од ковид.
„Сите испитувања досега одат во насока дека најверојатно трета доза ќе биде потребна, но чекаме тие наоди да ги официјализираат“,
рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање дали во земјава ќе се воведе трета доза од вакцините против ковид.
Тој повторно укажа дека не треба да постои сомнеж кај граѓаните и оти сите вакцини се безбедни.
„Не треба да има сомнеж. Сите вакцини се безбедни и тоа е докажано и од нашето искуство. Има мали некои несакани ефекти коишто се типични генерално за вакцините како црвенило и слично. Значи, вакцините се безбедни, направени се на безбедни платформи, така што вакцинацијата е единствениот процес којшто ќе го спаси светот од оваа пандемија“,
рече Филипче.
Во однос на новиот сој, министерот рече дека ги чекаат научните созананија.
„Кога ќе се појави една варијанта без разлика каде е или станува типична за некој регион или брзо се шири. Има типични соеви на вирусот за поединечни региони. Точно е дека има нова варијација на вирусот, меѓутоа тоа е нешто што воопшто не е изненадување. Овој тип на вирус има тенденција да мутира во различни делови. Се уште е рано да се кажат карактеристиките на овој најнов сој на вирусот. Ги чекаме научните сознанија. Она што досега се знае за досегашните соеви на вируси е дека важат истите принципи на заштита како вакцинацијата и општите превентивни мерки“,
рече Филипче.